Видлив е притисокот врз медиумите и во случајот со аферата „Мафија“, оцени Мицкоски

Треба да престане притисокот на власта врз националните медиуми, заблежливо е дека аферата „Мафија” дел од нив ја третираат пред временската прогноза, рече меѓу другото во синоќешната емисија „Заспиј ако можеш” на Алфа телевизија претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оценувајќи дека медиумите не се слободни.

Сепак, порача Мицкоски, народот не смее да премолчува неправди и дека мора да се бори за едно здраво и демократско општество.

„Генерално народот не е задоволен од власта и тоа се рефлектира врз рејтимзите на политичките партии. Уште поголема би била таа разлика доколку не постои таа репресија која оваа власт се обидува да ја прави врз медиумите. Кога би се оставиле медиумите да имаат слободна уредувачка политика тогаш гарантирам во моментот предноста на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во однос на СДСМ ќе биде двоцифрена. И тука нема дилеми,“ дециден е Мицкоски.

Според опозицискиот лидер, постојат национални медиуми кои воопшто не ја третираат темата со фалсификуваните пасоши, а тие што ја објавија веста за тој италијанскиот корисник на македонски пасош ја објавија прес конференцијата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ таму некаде пред временската прогноза.

„А во првите вести зборуваат за тотално не битни работи и за економијата која наводно била во пораст што е небулоза. А истите тие позади камерите велат катастрофа е луѓе. Па чекајте, како ние ќе се бориме за здраво општество ако ја наведнуваме главата на јастуче. Па ќе исечат две, три или пет глави не можат да исечат 5 илјади или 50 илјади глави. Дајте да се бориме“, рече Мицкоски.