Индонезискиот претседател Џоко Видодо во четвртокот во Москва откри дека ја пренел пораката на украинскиот претседател Владимир Зеленски за рускиот претседател Владимир Путин, пренесуваат агенциите.
Видодо, чијашто земја ќе биде домаќин на самитот на земјите од групата Г20 и е член на кризната група на ОН основана како одговор на заканата од глобална глад, во средата престојуваше во Киев, поканувајќи ја Украина како гостин на самитот во ноември на Бали, а во четвртокот допатува во Москва оглушувајќи се на повиците од Западот предводен од САД да ѝ го ускрати гостопримството на Русија.
Зеленски му одговорил на поканата на Видодо дека неговото присуство ќе зависи од коа кој ќе биде таму, а бидејќи Русија е членка во Г20, па се очекува можно учество на Путин.
Видодо по средбата со Путин изјави дека му ја пренел пораката од украинскиот колега по должност Зеленски.
„Ја пренесов пораката од претседателот Зеленски до претседателот Путин и изразив подготвеност да воспоставам комуникација меѓу двајцата челници“, изјави Видодо по средбата со рускиот претседател без да ја открие содржината на пораката.
Претходно во средата по средбата во Киев, Видодо изјави дека самиот му предложил на Зеленски да испрати преку него порака за Путин.
Истовремено, на новинарско прашање портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одговорил дека сѐ уште не е запознаен за што точно станува збор.
Видодо стана првиот азиски лидер кој ја посети Украина од почетокот на војната со Русија.
Путин во разговорот со Видодо повторно негирал дека Русија го блокира извозот на житарки од Украина и го довел во прашање влијанието на недостигот од украинските земјоделски производи врз глобалниот пазар на храна.
„Не го спречуваме извозот на украинското жито. Украинската војска ги минираше приодите кон пристаништата, никој не ги спречува да ги отстранат мините, а ни им гарантираме безбедноста на испораките на жито“, истакнал Путин во текот на разговорите со Видодо.
Путин повторил дека западните санкции, кои се однесуваат на забрана за извоз од Русија и на осигурување на поморските и копнени испораки на стоки, придонесуваа за недостигот на глобалните пазари на енергенси и на храната како и растот на цените.
Обединетите народи соопштија дека поради падот на извозот на житарки како последица на судирите во Украина светот се соочува со „криза од глад без преседан“, како и дека овозможувањето на неговиот извоз од Украина е клучно за решавање на тоа прашање.
Путин, пак, тврди дека е предимензионирано влијанието на Украина на глобалниот пазар, велејќи дека во моментов само 5 милиони тони пченица се заглавени во земјата.
„Ова количество на ниеден начин не влијае на светските пазари“, додал Путин со образложение дека тоа претставува само 0,5 отсто од светското производство.
Обединетите нации на почетокот од мај проценуваат дека 22 милиони тони житарки се заглавени во Украина. Украинскиот претседател Зеленски на 6-ти јуни рече дека тоа количество може да се зголеми на 75 милиони тони до оваа есен.
Путин, исто така, на Видодо делка сака Русија да ја задржи позицијата на најголем светски извозник на пченица. Руската пченица во моментов сочинува петтина од глобалниот извоз.