Британскиот амбасадор во Виена повеќепати во изминатот период се обидел да изврши притисок врз австриските власти да ги принуди да протераат руски дипломати, изјави во четвртокот австриската министерка за надворешни работи, Карин Кнајсл, која ја цитира дневниот весник Kronen Zeitung.
Како што истакнува шефицата на австриската дипломатија, британскиот амбасадор се обидел да влијае врз австриските државни и политички челници да ги следат чекорите на редицата европски земји кои солидаризарајќи се со Лондон објавија дека ќе протераат руски дипломати. Меѓутоа, како што и пред два дена во Скопје објави Кнајсл, Австрија категорично ги одбила таквите мерки.
Министерката Кнајсл, исто така, одговорила и на критиките од поранешниот австриски претставник во Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) за борба со радикализацијата и насилниот екстремизам, Петер Нојман, кој ја обвини Австрија дека ги „урива мостовите“ со Европската унија.
Според челничката на австриската дипломатија, Виена ја донела својата одлука не поради можниот одговор од Москва, туку поради потребата да се задржи дијалогот со руската страна. Австрија, инаку, од јули од Бугарија којашто, исто така, не ја следеше солидарноста на ЕУ ќе го преземе претседавањето со Советот на Европа.
Покрај тоа, Кнајсл истакнува дека Австрија ѝ се приклучи на Европската унија во 1995 година како неутрална држава, што тогаш беше поддржано од другите земји членки.
Во јужниот англиски град Солсбери, на 4-ти март, поранешниот двоен риско-британски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија се нападнати со нервен агенс. Лондон ја обвини Москва дека „најверојатно стои“ зад нападот. Истовремено Русија којашто критикува дека британската страна за сето време не понудила никакви докази за своите тврдења, категорично ги отфрла обвинувањата и ги оценува како провокација.
Редица земји од ЕУ, освен девет, се солидаризираа со Велика Британија и САД, како и Македонија, и протераа руски дипломати, на што Москва се закани со соодветен одговор.