Висок функционер на францускиот Сенад кој не ги криел своите пријателски врски со Северна Кореја, обвинет е во четвртокот за „велепредавство“ и за „дослух со странска сила“.
Беноа Квенеди кој претходно во четвртокот бил доведен во државното обвинителство во Париз, му е предаден на истражен судија кој го обвинил за „предавство со давање информации на странска сила“, за „собирање информации поради нивно пренесување на странска сила“ и за „дослух со странска сила“, изјавиле за медиумите правосудни извори.
Врз основа на барање на државното обвинителство одреден му е судски надзор, што значи дека не е притворен. Има забрана за напуштање на француската територија, вршење на должноста и контакти, додал истиот извор, пренесува AFP.
Квенедеи, кој бил приведен во неделата вечерта, сместен бил во притворот во просториите на Главната управа за внатрешна безбедност (DGSI) во Левалоа- Пере, во близина на Париз, во рамките на истрагата покрената во март годинава. Иследниците сакале да дознаат дали навистина „предавал“ доверливи информации на режимот во Пјонгјанг.
Франција нема службени односи со Северна Кореја, како една од само двете земји од Европската унија заедно со Естонија кои ги прекинаа врските со оваа земја додека не се откаже од своите програми за развој на нуклеарното оружје и балистичките проектили, и не ги подобри состојбите на човековите права.
Засега не е јасно кои информации Квенедеи ги предавал. Тој е висок функционер во Дирекцита за градежништво, културно наследство и паркови во горниот дом на францускиот парламент, шеф на одделот за управа и финансии. Сенатот во вторникот го известил дека „привремено“ го разрешил од должноста и дека во неговата канцеларија е извршен претрес. Овој висок функционер кој има околу четириесетина години, роден во Дижон на истокот од Франција, ѝ посветил на Северна Кореја неколку трудови.
По дипломирањето на парискиот Институт за политички науки, Квенеди напишал повеќе трудови посветени на Северна Кореја. Тој го водел здружението за француско-корејското пријателство и повеќепати патувал по Корејскиот полуостров. Според радиото Europe1, Квенеди неколкупати престојувал во Пјонгјанг, а последниот пат во текот на празнувањето на 70-годишнината од формирањето на Северна Кореја, во септември годинава.