Високи претставници на ОН: Повеќе од 30.000 загинати во војната во Газа

Повеќе од 30.000 луѓе се убиени во Појасот Газа откако Израел започна воена офанзива во октомври, изјави во четвртокот високиот комесар на Обединетите нации за човекови права Фолкер Турк.

Фолкер Турк оваа бројка ја претстави на состанокот на Советот за човекови права на ОН во Женева.

Шефот на Светската здравствена организација на ОН (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, исто така, го наведе овој број во објава на X.

„Бројот на загинатите во Газа надмина 30.000, огромно мнозинство жени и деца. Над 70.000 Палестинци се повредени. Ова ужасно насилство и страдање мора да престанат. Прекин на огнот“, додаде Тедрос.

Ниту Турк, ниту Тедрос не дадоа извор за таа бројка на загинати.

Билансот на загинатите во Газа секојдневно го објавуваат здравствените власти во енклавата под раководство на Хамас, што меѓународните организации ги сметаат за приближно релевантни.

Израел започна напад врз Појасот Газа откако милитантите од Хамас и другите палестински радикални организации убија повеќе од 1.200 луѓе во јужен Израел на 7-ми октомври.