Многу често се среќава во разни православни христијански средини, а особено во посткомунистичките
општества, да се говори и пишува за неопходната потреба од зачувување и актуелизирање на
традиционалните вредност, особено кога истите се ставени под искушение на „вредностите“ и „моделите
на живеење“ кои доаѓаат под напливот на либерал – глобалната манипулативно „демократски“
разбраната „слобода“.
Пишува: презвитер Ивица Тодоров
И најчесто се случува „нашите“, таканаречени традиционални вредности, да не можат да се спротистават
на либерализмот на „демократски“ разбраната слобода. За тоа може да посведочат сите оние кои
припаѓаат на државите кои преку транзиција преминаа од социјалистички идеолошки контекст во
либерално – глобалистички капиталистички идеолошки контекст. Сите тие доживеаа и доживуваат
вртоглаво изменување на вредносниот систем, при што најчесто носталгично си спомнуваат за
претходниот вредностен систем кој истите го нарекуваат традиционален.
Но, што всушност, најголем процент од граѓаните на поранешните социјалистички држави подразбираат
под традиционални вредности?
Зошто, баш тие и такви традиционални вредности ја немаат духовната сила и смисла да се спротистават,
а и да ги разобличат новонаметнатите вредности на либералниот капитализам и „демократски“
разбраната слобода? Одговорот е едноставен. Затоа што и на првиот, таканаречен традиционален
вредностен систем, кој е всушност синтеза на социјалистички морал, квази патријахалност и фолклорно –
таканаречено – христијанство, како и на вториот вредностен систем, темелот им е ЧОВЕКОЦЕНТРИЧЕН.
И едниот и другиот се по мерка на „ЧОВЕКОТ“!
Но, според мерката на кој „ЧОВЕК“ се формирани и двата вредносни системи?
Ако одиме според логиката на „овој свет“ нема да дојдеме до одговор! Но, секој автентичен православен
христијанин со зрело духовно искуство ќе одговори дека и двата система се формирани според мерката
на отпаднатиот и со зло, грев, духовна успаност, површност и релативизам инфициран и БОЛЕН ЧОВЕК.
Односно, според мерката преку која вистината, слободата и она што го нарекуваме „вредно“ се
одредуваат преку популистичко квази демократско изгласување на она што му се допаѓа на
мнозинството.
Секоја чест на МНОЗИНСТВОТО, но многу често истото тоа се ставало на погрешната страна, на
страната на вредносните системи кои измамливо ја охрабруваат огревовената природа на паднатиот
човек и на истиот му формираат бесперспективен, болен и деструктивен ментален склоп.
Па, затоа, јас како христијанин, кога ги вреднувам и двата вредносни системи, и оној што го нарекуваме
традиционален, а и оној секуларно либералниот, со сигурност можам да кажам дека и двата се ДАЛЕКУ
од нашиот христијански православен вредносен систем кој не се темели на некој „човек“, ниту на
популистичко манипулирање со псевдо демократскиот пристап.
Нашиот вредностен систем се темели на Богооткриената Вистина која ни е засведочена од самиот
воплотен Логос, од Бого – Човекот Христос и од милиони Негови свети ученици, во Светиот Дух и во
Неговата света Црква.
Доволно е да се запознаеме со животниот пат на некој Христов свет последовател, па да разбереме со
кои вредности истиот остварил светост и се ослободил од сотонското ропство на бесмисленоста, злото и
гревот.
Исто така, запознавајќи се со автентичните православни христијански вредности, ние разбираме дека
истите ни овозможуваат во овој свет благословен и осмислен начин на постоење, како на личен, така и
на семеен и општествен план.
И, кога веќе пишувам и го актуелизирам православниот христијански вредностен систем би било
одговорно да ве запознаам со него, да ве запознаам со неговиот темел, но и со неговата цел.
Нашиот единствен Учител, Спасител и Господ, совечниот Логос/ Слово на вечниот наш Отец небесен,
Исус Христос, ни открива една толку суштинска вистина што ако истата не ја разбереме може целиот наш
личен, семеен, црковен и општествен живот да пропадне во слепата улица на самозалажувањето и
себеуништувањето. Параболата гласи вака:
„Царството небесно прилега на трговец, кој бара убави бисери, па, штом најде едно зрно скапоцен бисер,
оди и продава се што има и го купува.“ (Матеј. 13, 45)
Што ни открива нашиот возљубен Учител во оваа парабола? Ни открива дека секој човек во овој свет е
налик на трговец кој ги бара вистинските вредности, односно, го бара она најскапоценото, ја бара
ВИСТИНАТА на постоењето и смислата, љубовта, радоста и блаженството во тоа постоење.
Во својот живот секој човек се среќава со разни нешта кои му се наметнуваат како “ВРЕДНОСТИ” и
“ВИСТИНИ” кои му нудат успешно, брзо и особено – без преобразба, личносна зрелост и очистување од
гревот и злото – напредување во личниот, семејниот, општествениот живот, а и црковниот живот. Но, за
многу кратко време, човекот или човештвото, се соочуваат со ВИСТИНАТА дека многу од таканаречените
“вредности” и “вистини” се нечија лага, измама, болен интерес, манипулација или едноставно кажано
слепа улица која секогаш завршува со сознанието дека сме измамени и дека изминатиот период од
нашиот живот бил чисто промашување. А дека тоа е така најдобро ни сведочи РЕАЛНОСТА на
секојдневното живеење. Во таа реалност на лагата и се кратки нозете, но додека трае – нанесува
страшни несреќи и страдања во многу животи.
И затоа нашиот Господ ни препорачува да бидеме мудри трговци, да внимаваме што купуваме и што
продаваме, односно, што примаме во себе и што даваме од себе. А кога ќе го пронајдеме скапоцениот
бисер, односно, ВИСТИНАТА таква – каква што таа е, тогаш треба да се ослободиме, да ги отстраниме од
себе сите лажни вредности и вистини и да ја купиме, односно, да ја примиме/ внедриме во себе
вистинската ВИСТИНА за совршениот – и од злото, гревот и смртта – ослободениот начин на постоење во
Царството Божјо – постоење кое започнува за време на нашиот живот во овој свет и век.
Скапоцениот бисер – ВИСТИНАТА, во овој свет и век – во секоја личност која е ОТВОРЕНА да ја прими –
се остварува и внедрува преку следниот духовен процес, односно, преку следните духовни скалила
(состојби и фази на нашата личност):
1. Првото скалило е препознатливо по тоа што личноста внатре во себе, во својот внатрешен човек,
доживува духовно/ личносно будење (покајание) од состојбата на заробеност од гревот и злото и од
состојбата на непознавање на себе си и својот Творец;
2. Второто скалило е препознатливо по тоа што личноста што доживеала духовно будење/ покајание ја
започнува својата внатрешна потрага по Вистината, по скапоцениот бисер на постоењето, при што истата
со текот на времето се осведочува со единствената Вистина и со сите вредности што произлегуваат од
неа;
3. Третото скалило е фаза во која личноста го препознава Божјиот призив/ повик / поттик за осмислување
во длабочината на своето битие, во центарот на личносниот идентитет. Овој призив не воведува во
внатрешната средба со Христос/ Месијата и истиот не осведочува дека Вистината е Личност, а не
апстрактен систем (Јован. 6, 35 – 40);
4. Четвртото скалило е фаза во која личноста се подготвува за учество во Христовата ОТКУПИТЕЛНА
КРСНА Жртва и Победа над злото, гревот, смрта и ѓаволот преку Светите Тајни – Крштевање,
Миропомазание (печат и дар на силата на Духот Свет) и Причест (непрестано наше потврдување и
сведочење за нашата заедница со Нашиот Спасител Исус Христос и со Неговата Црква, која е Негово
Тело).
Оние што се крстени како деца и до своето покајание (духовно будење) не живееле како активни членови
на Црквата, во активниот и спасоносен живот на Црквата влегуваат преку Светата тајна Исповед;
5. Петото скалило е препознатливо по духовната состојба на личноста во која истата го започнува
градењето на своето спасение (ослободување од сотонското ропство, злото, гревот) преку осмислување
на својот личен, семен, црковен и општествен живот во духот на Христовите заповеди, односно, од оваа
фаза започнува нашето учеништво во името Христово во силата на Духот Свет во светата Црква;
(Филипјаните. 2, 12)
6. Шестото скалило е фаза во која личноста ја доживува својата духовна зрелост. Оваа духовна зрелост е
плод од духовниот подвиг/ борба што личноста ја води против злото и гревот во и надвор од себе – во
силата и даровите на Светиот Дух;
7. Седмото скалило е состојба во која личноста ги осознава плодовите од процесот на своето
овистинување, зреење и очистување. По оваа фаза личноста благословено го започнува сведочењето на
Вистината (евангелизација) и стекнува благодатна осетливост за страдањата на нашите ближни и
мотивираност да им се помогне на сите што имаат потреба од помош;
8. Осмото скалило е препознатливо по тоа што личноста се утврдува во животот по воља, водство,
промисла и благослов на нашиот Небесен Отец преку неговиот Син во Светиот Дух и во Светата Црква.
По ова скалило се разоткрива начинот на постоење во состојба на СВЕТОСТ;
9. Девето скалило, внатрешно осознавање на вистината за Вечноста;
10. Десето скалило, самата личност, преку духовниот раст и очистување од злото и гревот, а преку
исполнување на заповедите Христови во силата на Духот Свет – станува скапоцен бисер, затоа што
ВИСТИНАТА за Царството Божјо ја овистинила, очистила, ољубовила, спасила и во истата се отвара
состојбата на бескрај/ полнота/ вечност/ светост;
Овој духовен закон – или поточно кажано, духовен/ личносен процес во кој се усвојува ВИСТИНА на
постоењето – има своја важност, осмислувачка сила и вредностен плод како во личниот, така и во
семејниот, црковниот и општествениот живот.
Без учество во оваа Вистина НЕ Е МОЖНО да разбереме кои се вистинските вредности на постоењето,
како во рамките на овој свет, така и на вечен план.
Па затоа како закључок на овој мој текст, на ова мое гласно размислување, со сигурност ќе кажам дека
Вистината, односно, самиот Христос, е темелна вредност на сите вистински вредности. Без неа и надвор
од неа нема вредности, нема и не постојат процеси и состојби кои го осмислуваат нашето постоење, како
во овој свет, така и на вечен план.
Без Вистината, без Христос нема и не постои ИЗВЕСНОСТ, туку само НЕИЗВЕСНОСТ и страв!
Па затоа христијанските православни/ правоверни вредности се единствените вредности кои во себе ја
имаат ПОЛНОТАТА НА СИЛАТА НА ЖИВОТОТ!
И затоа, само тие – особено кога се внедрени во личноста на човекот- ја имаат СИЛАТА да ги разобличат
сите смртоцентрични лажни вредности на паднатиот човек и огревовеното општество.