Мерки кои ќе имаат за цел подобрување и унапредување на концептот за екстерното тестирање подготвува Владата на Република Македонија. За ова денеска информираше заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Откако деновиве поранешниот потпретседател на СДСМ Зоран Јовановски даде поддршка за екстерното тестирање и предлози за негово унапредување, заменик министерот Ристовски денеска истакна дека ги прифаќаат сите предлози коишто се во насока на подобрување или било какво надградување на било која реформа која се однесува на образовните процеси во Република Македонија.
Во изминатите неколку недели бевме сведоци на изјава на господинот Јовановски од СДСМ поврзана со унапредување на екстерното тестирање. Оваа прилика би сакал да го истакнам фактот дека ние како Влада и министерство секогаш сме посветени и на еден начин со радост ги прифаќаме сите предлози коишто се во насока на подобрување или било какво надградување на било која реформа која се однесува на образовните процеси во Република Македонија. Во тој контекст и поврзано со реформата за екстерното тестирање, би сакал да истакнам дека ние како влада сме подготвени да прифатиме конструктивни предлози за надградување на целиот процес и систем на екстерно тестирање во насока на подобрување на знаењето кај учениците, олеснување во насока на нивно полесно совладување на целокупната материја и подобрување на успесите. Во оваа прилика сакам да истакнам дека ние како ресорно министерство и влада веќе очекувам во наредниот период да излеземе со неколку предлози. Веќе имаме подготвено околу 6-7 предлози со кои планираме да го надградиме и подобриме целиот процес на екстерно тестирање, а во еден дел морам да истакнам и дека се поклопуваме со предлозите кои ги истакна овој функционер на социјалдемократскиот сојуз, рече Ристовски.
Заменик министерот додаде дека јавно ќе бидат соопштени сите предлози од страна на министерството и на владата и изрази уверување дека тие ќе бидат во насока на зголемување на квалитет и поцелосно и поправилно реализирање на екстерното тестирање.
Предлозите на Јовановски за унапредување на екстерното тестирање
Инаку, пред неколку дена поранешниот потпретседател на СДСМ во колумна за месечникот „Економија и бизнис“ напиша дека посакуваните ефекти од екстерното тестирање се делумно остварени.
Мислам дека е фер да се каже дека посакуваните ефекти се делумно остварени. Што може да се направи сега? Јас предлагам три чекори кои се многу едноставни, пишува Јовановски.
Прво, Јовановски смета дека треба да се реши прашањето за учебниците. Тој предлага за секој наставен предмет за кој се врши екстерно тестирање да има по еден, а не повеќе учебници. Со тоа, како што смета тој, ќе се избегне ситуацијата одговорот за некое прашање од екстерното тестирање да го има во еден, но не и во другиот учебник за истиот предмет.
Притоа, останува на надлежните власти да го определат оперативното решение дали од тој учебник ќе се дојде со избор од повеќе учебници пријавени на тендер или властите ќе ги поканат најдобрите наставни, согласно претходно утврдени критериуми, и ќе им овозможат да подготват нов учебник. Јас сум за вториот пристап, при што власите ќе ги задрат авторските права и ќе биде лесно да се прават измени и дополнувања на учебникот. Се разбира, суштински важно е содржината на учебникот да соодветствува со најдобрите светски искуства, да биде концептуално насочена,а не збор на огромен број информации, понекогаш и не многу добро поврзани, вели Јовановски.
Второ, тој додава дека треба да се измени динамиката на тестирањето. Тоа не треба да биде еден тест на крајот од учебната година и проверка на целиот наставен материјал. Тестирањето треба да се врши четири пати во годината на крајот на секое тримесечие, на материјал што е поминат во тоа тримесечие.
Оперативно нема проблем да се реализира оваа динамика,бидејќи компјутерите се веќе обезбедени. Ова ќе бара дополнителен напор од надлежните лица. Но, на учениците ќе им олесни без притоа процесот да изгуби на квалитет. Ќе го нема веќе стресот дека се полага на цел материјал од целата учебна година. Важно е дека многу побрзо ќе може да се утврдат несовпаѓањата на оценките дадени од наставниците за тоа тримесечие и оние добиени на екстерното тестирање. Всушност, екстерното тестирање ќе стане систем за рано предупредување што навреме ќе укажува на слабостите кај одреден наставник/ученик и ќе може да се преземат корективни активности уште во текот на истата учебна година. Учениците ќе можат да бидат тестирани за повеќе предмети во текот на учебната година, па нема да важи веќе сегашната поплака дека некому му се паднале лесни, а некому тешки предмети, пишува Јовановски.
Трето, заклучува тој, треба да се измени приодот во тестирањето. Ова според него е суштински најважниот чекор.
Треба да се премине од постојаниот систем на меморирање и репродуцирање на огромен број детали кон систем каде што прашањата на екстерното тестирање ќе се фокусираат на разбирањето на важните концепти на материјалот. Тоа значи дека кај екстерното тестирање не би се знаела однапред листата на можни прашања. Наместо да бара кој ги има решени прашањата од листата можни прашања, ученикот ќе мора да се потруди да ги разбере суштински концепти што ги учи. Ова би било квалитативно поместување напред во образовниот процес, смета Јовановски.