Владата активно работи за да се задржат младите во Македонија

На гостувањето во поткастот „ВМРО-ДПМНЕ Зборува“ присуствуваше потпретседателот на Унија на млади сили и советник за млади Столе Пандов кој дискутираше за неговата активност и учество во невладините организации, за соработката со младите и неговата работа во Владата на Република Македонија.

Пандов истакна дека владините институции и министерства ги поддржуваат невладините организации со цел подобрување на животот на младите во Република Македонија и наведе одредени мерки кои се спроведуваат од страна на Владата.

„Тука како Влада, ние и како владини институции и министерствата ги поддржуваме овие организации, работиме заедно со нив, гледаме да го подобриме животот на младите во Република Македонија, како преку доделување на грантови, дополнително овозможување на нови мерки коишто го подобруваат животот и стандардот на младите. Би ги напоменал тука неколку мерки коишто се најавени. Значи тоа е од 250 евра за технолошки уреди, дополнително од 1.000 до 30.000 евра грантови за млади претприемачи. Така што директно сме поврзани и активно работиме на пронаоѓање на решенија за проблемите со коишто младите се имаат соочувано во последните неколку години“, рече Пандов.

Пандов објасни дека Владата активно работи за подобрување на условите за да се задржат младите во Македонија а како резултат на тоа појасни дека во сите министерства бројката на млади соработници е зголемена во сите кабинети и дека со тоа се истакнува значајноста на младите во државата.

„Владата активно работи за подобрување на условите и секако да се задржат тие млади што ја напуштаат Македонија што се губи тој човечки капитал тој излив на мозоци мора да запре. Едноставно во сите министерства, сите министри имаат барем двајца тројца, ако не и повеќе млади околу себе во своите кабинети. Мислам искрено и во нивните програми пишува едноставно колку младите ќе бидат во фокусот“, објасни Пандов.