Владата барала одложување на официјалниот извештај на Венецијанската комисија

Владата побарала од Венецијанската комисија да го одложи кончениот став за Законот за јазици, дознава ТВ 24 и како што истакнуваат извори од владата брифирале дека освен одложување на заклучоците, побарани се и дополнителни консултации за законот, кој според неофицијалните забелешки на Комисијата кои ги објави ПлусИнфо, е неспроведлив и потребно е да се ревидира.

Дека заклучоците ќе доцнат денеска најави и вицепремиерот Бујар Османи, кој не сакаше прецизно да одговори дали ДУИ ќе ги прифати забелешките и ќе дозволи нова интервенција во законот. За него, законската рамка е добра каква што е и го заокружува Рамковниот договор, а секое враќање назад вели, ќе донесе и нови преговори.

„Мислам дека имаме подеднакви ставови во владата дека овај закон е добар и треба да продолжи да се импелемнтира. Да оставиме Венецијанската комисија да излезе со конечниот извештај па ќе видиме што може да одговара на нашиот политички контекст, што е спротивно од нивните согледувања, спротивно од Рамковниот договор од нашите погледи како треба да го развиеме нашето мултиетничко општество и мултиеничка држава.“ – изјави Османи.

Вицепремиерот кој се самопрогласи за инспектор за спроведувањето на законот и последниве викендипатролираше од институција до институција во контрола на двојазичните табли, вели ќе продолжи со неговите акции бидејќи тоа му било работа, иако во драфт-заклучоците Венецијанската Комисјита бара да се одложи надѕорот и казните за непочитување на законот додека истиот не се измени.

Премиерот Заев пак, е дециден – сите забелешки ќе бидат имплементирани. Изјавата на пратеникот Артан Груби пак, дека цената на мирот е неспоредлива со како што рече, симболичната цена за имплементација на законот, премиерот ја оцени како глупост.

„Ние политичарите знаеме да лупаме некогаш така глупости…Значи законто е право, човечко право кое излегува од правото на употреба на јазици. Јазикот е средство да се разбереме, да го направиме животот да ни биде полесен, од тука доаѓа потребата буквално на употребата на јазиците, тоа е уставно право на граѓаните, еве го законот живее денеска ништо не се сменило во нашата земја…Ние рековме дека ќе ja почитуваме Венецијанската комисија која ќе го даде секако нејзиното конечно мислење.“ – изјави Заев.

Груби објаснува дека неговата изјава не смее да се толкува како закана, а за коментарите на премиерот одговори:

„Очигледно дека изјавата на премиерот се однесува на себе си затоа што тоа зборува за него и сметам дека тоа е момент на саморефлексија и на самокритика на која што исто така е проследена често и со извинување, но лично сметам дека тоа е доблесна особина на саморефлексија и самокритика.“ – изјави Груби.

Претседателот Стево Пендаровски смета дека албанскиот јазик мора да се унапреди, а заклучоците на Комисијата вели предвреме се пуштени во јавност за нечии интереси.

„Мораме да внимаваме, станува збор за драфт, нацрт документ кој е пробиен претпоставувам, од нечии лични или политички причини е пробиен предвреме, да почекаме да биде официјално објавен и јас би сакал да видам дали тоа што беше објавено на една или две странички, документот има многу повеќе страници, дали ќе останат со истите формулации до крај.“ – порача Пендаровски.

Препукувања меѓу коалициските партнери за законот за јазици имаше уште пред да се испрати до Венецијанската комисија. ДУИ бараше да се пратат само спорните одредби за банкнотите и униформите, додека СДСМ целиот закон. Дека законската рамка не треба да се менува сметаат и дел од опозициските партии од албанскиот блок, додека ВМРО-ДПМНЕ бара сите забешелки на комисијата да се преточат во амандмани, а власта да понесе политичка одговорност.