Владата да ги преземе надлежностите на сите општини коишто се наоѓаат во Охридскиот регион кој е заштитен од УНЕСКО и да се справи со објектите коишто се бесправно изградени, побара денеска претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска по седницата на ДКСК на која постапувале по предмети во врска со бесправно изградените објекти на Охридско-Струшкото крајбрежје
-Врз основа на информациите кои ги добивме дојдовме до сознание дека Општина Охрид само во 2019 година има склчено еден договор со еден економски оператор и тоа во вредност од 1,5 милиони денари со ДДВ. Сметаме дека поради тоа што ова е премал износ за справување со дивоградбите, ДКСК ќе упати барање до Владата да ги прземе сите активности да се справи со објектите коишто се бесправно изградени, нагласи Ивановска.
Антикорупционерите денеска разгледувајќи предмет на ЈП за стопанисување со спортски објекти во сопственост на државата, увиделе дека постојат низа слабости во работењето на директорот на Јавното претпријатие, поради што ќе упатат иницијатива до Владата да утврди одговорност на директорот, но ќе поднесат и иницијатива до соодветно Обвинителство поради тоа што, според нив, постојат и основи за сомневање за злоупотреба на службената должност.
-Се работи за тоа што утврдивме дека директорот издавал под закуп спортски објекти коишто по Законот за спорт не треба да ги издава бидејќи тие се суштински, но ги издавал, односно склучувал договори, за закуп без одлуки донесени од страна на Владата, појасни Ивановска.
Прашана за мислење за изборите, првата антикорупционерка рече дека тие не се надлежни, односно немаат ингеренции да дадат свое мислење. Тоа, вели Ивановска треба да го направи Комисијата за здравство да каже дали има услови за спроведување на изборите.
– Меѓутоа до колку и во вакви услови се одлучи да се спроведуваат изборите, можеби треба да се пристапи кон некои посовремени начини на организирање на кампањата заради тоа што и во нормални услови кога се одеше од врата на врата, гледано од наш аспект, постои висок ризик за поткуп на гласачи, рече Ивановска.
Таа вели дека доколку од здравствен аспект се оцени дека може да имаме избори, тогаш кампањата да се води медиумски или некој друг пософистициран начини за да се извегнат масовни собирања на луѓето.