„Во врска со дезинформациите за увоз, складирање и согорување на опасен отпад во државата и поврзаноста со квалитeтот на воздухот, особено во врска со дезинформациите за согорување опасен отпад во Цементара УСЈЕ, Владата на Република Македонија ја информира јавноста за клучните факти кои ја даваат целосната слика во однос на користење на РДФ отпад како енергенс во цементната индустрија. Употребата на алтернативните горива во УСЈЕ се одвива во целосно затворен процес, со високи температури во печките (до 2.000 С температура на гасовите во печка) со што се обезбедува целосно согорување на ваквиот отпад. Шпекулациите за запирање на филтрите се сосема неточни бидејќи работата на филтрите е поврзана со целиот процес и со нивно исклучување запира и целокупниот процес, соопштија од Владата.
Се додава дека државата има пропишано строги стандарди дефинирани во А-интегрираните дозволи што ги добиваат индустриските инсталации вклучително и ТИТАН Цементарница Усје, а се преземаат редовни и вонредни инспекциски контроли на исполнетоста за барањата за заштита на животната средина согласно дозволите и царинските контроли при увоз на одобрените видови на отпад.
-Граѓаните треба да бидат спокојни, имајќи го предвид фактот дека увозот/извозот и транзитот на отпадот е строго контролирана процедура и дека ниту една пратка на отпад не може да помине на граничен премин без соодветна проверка. Тоа е регулирано со Законот за управување со отпад од 2004 г. каде се пропишуваат видовите на отпад, условите за извоз, увоз и транзит на отпад, методите за надзор над извозот, увозот и транзитот на отпадот, како и формата и содржината на образецот на дозволата. Законот ги пропишува процедурите и условите за добивање на дозвола за увоз, извоз и транзит на отпад во/од/низ РСМ во зависност од видот на отпадот, неговото потекло, земјата на прифаќање и маршутата на транспорт и типот на третманот кој ќе се спроведе врз отпадот на местото на прифаќање.
Исто така е важно да се напомене дека искористувањето на коксот како енергенс во процесите е строго контролиран и е со количина на сулфур од 4 до 6 проценти согласно важечките прописи во РСМ. Сите други информации за повисок процент на сулфур и неконтролирано согорување се неточни.
МЖСПП води регистар за увезен, извезен или отпад кој транзитирал низ РСМ и истиот е достапен на www.moepp.gov.mk МЖСПП / Документи / Регистри, соопштија од Владата.