Владата деманатира дека основците и средношколците се враќаат на настава на 18-ти мај

Лажна вест е дека учениците ќе се вратат на настава на 18-ти мај, со скратени часови и во три смени, според одлука којашто наводно ја донела Владата на својата вчерашна седница, изјави за НетПрес владиниот портпарол Муамет Хоџа.

Министерството веќе реагираше со демант, по остри реакции на родителите на социјалните мрежи. Хоџа во телефонската изјава за НетПрес ја истакна дека документот кој циркулира е доста убедливо изработен, но повтори дека оваа тема воопшто не била разгледувана во Владата изминатиов период.

 

Според документот со Уредбата за продолжување на училишната година, се наведува дека министерството за образование е задолжено да изготви „протоколи за безбедно продолжување на учебната 2019/2020 година и тоа од 18.05.2020 година“. Притоа се упатува мерките и активностите да бидат координирани со директорите на сите основни и средни училишта.

Во насоките кои се дадени со споменатиот наводно владин документ, во овие образовни установи треба да се преземат превентивните мерки според препораките на Институтот за јавно здравје.

Исто така, се посочува одвивање на наставата во три смени за да се постигне социјалното дистанцирање, да се преземаат мерки за одржување на хигиената, задолжително носење заштитни маски за лице, а часовите да бидат скратени од 45 на 30 минути.

Сево ова се совпаѓа со разните предлози, нагаѓања и шпекулации кои изминатиот период беа во оптек во јавноста за оваа чувствителна тема.