Владата донесе општ протокол за работа на културните установи, но мора да имаат и сопствен

Театрите, киносалите, културните центри, како и операта и балет.. ќе можат да ги отворат своите врати откако ќе донесат посебен, сопствен протокол кој ќе биде усогласен со општиот кој завчера беше одобрен од страна на Владата. Од Министерството за култура вчера посочија дека некои од институциите веќе изготвија протоколи, а на некои сеуште се чека.

“Од вчера секоја културна институција може да започне постепено со работа, но прво треба да изготви свој посебен протокол согласно капацитетите што ги има, а притоа тој треба да биде усогласен со општиот кој што вчера беше донесен од страна на Владата. Ова значи меѓудругото дека не повеќе од 30 отсто од капацитетите може да бидат искористени… Кога институциите ќе ги изготват посебните протоколи, ќе може да почнат со работа“, истакна Јасмина Никуљска, советник на новата министерка за култура на вчерашната прес конференција одговарајќи на новинарско прашање.

Таа исто така нагласи дека во овие институции филтрите на клима-уредите ќе мора да бидат задолжително чисти, а ова се однесува и на сите затворени објекти.

“Кога зборувавме за донесување на протоколите ни беше кажано и дека ќе има посебна инспекција која ќе проверува дали тие се чисти, во спротивно нема да може да работат“, додава Никуљска.

Инаку, Владата на завчерашната седница донесе општ протокол кој се однесува на

работата на кината, театрите, оперските претстави, балетските претстави, како и другите манифестации од областа на културата. Општиот протокол е донесен откако е прифатено мислењето на Комисијата за заразни болести, согласно кое за овие дејности ќе важи веќе донесениот Протокол за организирање на настани. Според општите правила за реализација на настани, треба да се искористат само 30% од капацитетите, да нема паузи за излегување во фоаје, претставите треба да траат од час до час и половина. Исто така, претставите треба да се со мал број актери кои треба да држат дистанца, да се врши редовна дезинфекција пред и по претставата, актерите сами да ја следат својата здравствена состојба и да има одредено лице што ќе ја следи состојбата на актерите за време на претставата…