На вчерашната владина седница е донесена уредба за начинот на организирање и реализирање на наставата во вонредни околности во основните и средните училишта, со одлуки за времетраењето на часовите и на одморите, за почетокот на учебната година, како и Одлука за утврдување на максималниот број на ученици во паралелка во основните училишта и средните во услови на вонредни околности, за оние училишта кои добиле согласност за организирање настава со физичко присуство.
Уредбата за начинот на организирање и реализирање на наставата во вонредни околности во основните и средните училишта ги опфаќа и сите други активности како што се проверката на постигањата на успехот на учениците, организирањето на практичната настава, и другите наставно-образовни активности.
На оваа седница е усвоена и Информацијата, и беа усвоени протоколите за постапување на посебните основни училишта за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2020/21 година за посебните училишта ПОУ „Иднина“-Скопје, ПОУ „Маца Овчарова“- Велес, ПОУ „Д-р Златан Сремец“- Скопје, ЗРДОСГГДПР „Кочо Рацин“- Битола, ПОУ „Св.Климент Охридски“- Ново Село, Струмица, ДУРДМОВ „Димитар Влахов“- Скопје, и ЈУ Завод за заштита и рехабилитација „Бања Банско“- Струмица.
Владата ја разгледа и усвои и Информацијата за реализација на наставата во средните училишта за ученици со посебни образовни потреби во учебната 2020/2021 година, и ги усвои поединечните протоколи за постапување во средно образование за ученици со посебни образовни потреби.
На седницата беа усвоени и протоколите за работа во услови на справување со вирусот ковид-19 во јавните ученички домови и во државните студентски домови и други објекти за сместување во Република Македонија во академската 2020/21 година.
На оваа седница Владата го усвои Извештајот за работата на Комисијата за разгледување на поднесени барања од страна на основачот на училиштето за организирање на настава со физичко присуство, за период од 18.9.2020 година до 25.9.2020 година.
Листата на дадени согласности за организирање на настава со физичко присуство е поставена на веб-страницата на владата на следниот линк.