Владата во 2015 година ќе го зголеми додатокот за згрижувачки семејства за 25 отсто. Ова го соопшти министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на одбележувањето на Меѓународниот ден на згрижувачки семејства. Во Република Македонија има околу 180 згрижувачки семејства кои згрижуваат над 280 деца од кои повеќето се деца без родители и родителска грижа, како и деца со пречки во развојот. Згрижувачките семејства во Македонија вршат хумана мисија и имаат голема улога во социјалната и детската заштита.
„Како надлежно министерство ќе продолжиме да ги поддржуваме нивните активности, во надградба на нивните капацитети и континуирани подобрување на грижата за овие деца, но и зголемувањето на паричната помош.Во 2015 година планираме зголемување на додатокот за згрижувачките семејства за 25 отсто,“ изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Се планира да се воведе и праид програма, која е интернационално светска признаена програма за едукација на згрижувачките семејства. Наскоро ќе се започне и кампања, на секое дете му е потребно семејство, со која ќе се подигне свесноста на граѓаните за значењето, важноста и хуманата димензија на згрижувачките семејства. Целта е да се зголеми нивниот број и да се обезбеди поквалитетни услови за грижа на овие деца.
Црвениот крст на РМ во текот на целата година постојано има активности со децата од згрижувачките семејства.
„Интересно е тоа што волонтерите секојдневно се присутни во нивните домови, а од оваа година имаме интересен проект „Мојата животна приказна“ која е прекрасна сликовница и секое дете заедно со волонтерот во текот на годината ќе ја пополни со сите желби и се што му е потребно за да прерасне во прекрасна личност.Таа книга ќе ни помогне до крајот на годината да креираме нови проекти, за да ги покриеме потребите на овие деца,“ изјави Сузана Тунева Пауновска од Црвен крст.
На одбележувањето на овој Меѓународен ден присуствуваше и српскиот пејач Жељко Јоксимовиќ кој се дружеше и разговараше со децата и ја даде неговата поддршка.
„Се приклучив на хуманитарниот караван и во соработка со Црвен крст посетивме неколку училишта каде што има деца со оштетен вид, училиште за деца со специјални потреби и други установи. Сакам да нагласам дека секогаш треба да се биде хуман, бидејќи хуманоста се враќа. Нашето малку, некому му значи многу,“ изјави Јоксимовиќ.