Владата отпочнува процес за обезбедување алтернативни извори на природен гас

Владата на својата седница во вторникот вечерта донесе одлука за отпочнување процес за реализација на меѓународна инвестиција, која е првиот чекор кон реализирање на стратешките цели за енергетска независност, сигурност и безбедност и фокус на алтернативни извори на гас.

Владата, преку АД Електрани отпочна процес на за резервација на капацитети за природен течен гас во ЛНГ терминалот Александропулос во соседна Грција, што според процените ќе овозможи зголемување на сигурноста во снабдување со природен гас за граѓаните.

Реализацијата на оваа инвестиција потенцијално ќе значи отворање втора рута, односно снабдување на Македонија со течен гас од други земји, покрај моменталниот снабдувач. Ова ќе значи потенцијално зголемување на капацитетот за дотур на гас во земјава, би влијаело врз либерализацијата на пазарот, а со тоа и врз конкурентноста на цените.

„Покрај сигурното и долгорочно снабдување со природен течен гас за граѓаните, се очекува и да се зголемат и инвестициите во гасификацијата. Имајќи ја предвид денешната енергетска криза во Европа и во земјата, ова е конкретен чекор која треба да даде резултати во стабилизација на снабдувањето со енергија во земјата“, известува владината служба за односи со јавноста.

Се додава и дека „реализацијата на овој геостратешки проект, кој е прогласен за проект од посебен интерес на Европската унија за природен гас и за кој Европската комисија одобри поддршка за ефикасна интеграција со други важни проекти за инфраструктура на природен гас на регионалниот пазар“.