Владата на Репубика Македонија на вечерашната седница донесе одлука за прогласување кризна состојба во подрачјето на општините Македонски Брод и Чашка каде што веќе неколку дена има активни пожари, соопшти вечерва вицепремиерот и министер за внатрепни работи Оливер Спасовски.
Како што рече Спасовски, кој е и претседавач на Управувачкиот комитет за управување со кризи, оваа одлука била донесена со цел да можат во координирана акција сите институции на Република Македонија, да делуваат на состојбата за справување со пожарите и на еден поефикасен начин да се одговорело на оваа ситуација.
„Бидејќи гледаме дека во наредниот период ќе имаме временски услови со високи температури, а со тоа и можнст за ширење на пожарите. Ова е една од мерките којашто ќе гарантира безбедност за овие региони и успешно справување со овие пожари, до нивно целосно гасење“, рече Спасовски.
Исто така, Владата ги задолжи сите надлежни институции да се вклучат и да помогнат во делот со справувањето со кризната состојба во овие две општини, и, генерално, ако затреба каде било доколку има потреба со справување со пожарите на целата територија на Република Македонија. Кризната состојба ќе трае 30 дена.