Владата распиша оглас за ангажирање на околу 379 лица за раководни позиции во државната управа и за членови во управните и надзорните одбори.
Огласот кој веќе е објавен во дневните весници и кој ќе трае до 30 јуни, се однесува за 159 раководни позиции во државната управа меѓу кои пет амабасадорски места, осум воени аташеа, 15 позиции на државни секретари во министерствата, над 20 директорски места на централни и државни органи, како и дваесетина позиции на директори на научни установи. Распишан е и оглас за над 220 членови на управни и надзорни одбори.
„Ова е најголем оглас кој било кога е распишан за обезбедување на интерес на лица за ангажирање на раководни позиции. Огласот не е законска обврска на Владата, но нашата цел е да обезбедиме една мобилизација која ќе резултира со нов квалитет што ќе биде внесен од страна на лицата кои ќе се пријават и кои ќе имаат можност да раководзат со определени институции“, истакна портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев.
При изборот на кандидатите нема да има никаков вид на протекционизам, сите кандидати ќе имаат еднакви шанси.
„ Сите лица кои ќе се обидат да извршат влијание кое ќе води до некаков протекционизам, нема да бидат толерирани и тоа ќе се смета за негативна карактеристика. Наша цел е да се ангажираат лица врз основа на нивните знаења и професионалното искуство, додаде Ѓорѓиев.
Огласот се однесува за позиции кои веќе се испразнети и за места чиј мандат на сегашните раководни лица истекува во текот на годинава или на следните две години.
Подетални информации за аплицирањето на огласот можат да се најдат на веб страницата на Владата на Република Македонија.