Во делот на кадровските прашања, Владата на седницатаво вторникот вечерта одлучи Зоран Јовановски да го именува за в.д. директор на Казнено поправен дом Идризово, со отворено одделение во Велес, откако го разреши Шпенд Таири од оваа позиција.
Новиот в.д. директор Јовановски има завршено високо образование на Факултетот за безбедност и општествена самозаштита, ЦОК БОС „Елисие Поповски“, Скопје, а магистрирал на Филозофскиот факултет на универзитетот„ Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Според приложената биографија, има работно искуство во МВР, како командир на Единицата за специјални задачи, како заменик генерал на Полицијата, како шеф на Граничната полиција, како помошник директор на БЈБ. Учествувал и на бројни семинари во американската сојузна држава Луизијана, Германија, Обединетото Кралство, во врска со техники на истражувања, криминалистички истраги.
Владата одлучи да го поништи огласот за избор на Државен правобранител.
Владата одлучи Душко Арсовски да го разреши од позицијата нејзин портпарол, на негово барање. Премиерот Ковачевски изрази благодарност до Арсовски, за посветената и професионална работа во две ипол годишниот период на извршување на функцијата портпарол на Владата.
Владата да даде согласност на Одлуката од 17.03.2023 година на Управниот одбор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, со којашто за вршител на должноста директор на институцијата е именуван Арсим Хасани.
На денешната седница, Владата, на предлог на Министерството за надворешни работи ја разгледа и усвои информацијата за номинирање кандидатка, д-р Мирјана Лазарова Трајковска, за судијка во Меѓународниот кривичен суд во Хаг и донесе ваква одлука.
Во текот на јануари, од Меѓународниот кривичен суд со седиште во Хаг, според информацијата од МНР, е доставен повик за номинирање судии до Македонија. Земјава е дел од Источно-европската група од којашто ќе се изберат двајца судии за Меѓународниот кривичен суд, на 22-та сесија на Собранието на земјите членки, што ќе се одржи од 4 – 14 декември 2023 година во Њујорк.
Мирјана Лазарова Трајковска е досегашна судијка во Врховниот суд (која во моментов работи на области во Оддел за казниви дела, претседателка на Одделот за судење во разумен рок и одделот за судска практика), поранешна судијка во Европскиот суд за човековите права во Стразбур и во Уставниот суд на Република Северна Македонија.
Кандидатурата на Лазарова Трајковска е поддржана од претседателот на државата, од Минситерството за надворешни рабвоти и од Судскиот совет .