
Премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев денеска го презентираа владиниот План за економски раст чија цел, како што посочија, е зголемување на конкуретноста на приватниот сектор за да се забрза економскиот раст и да се подобри благосостојбата на граѓаните.
Планот, како што истакна премиерот Заев на прес-конференцијата во Владата, содржи мерки за нови гринфлинд инвестиции и зголемување на конкуретноста на економските субјекти, мерки за поддршка на извозот и за поддршка на малите и на средните претпријатија.
Премиерот нагласи дека економскиот развој ќе се врши врз основа на шест принципи и тоа ослободување на приватниот сектор од политичките стеги, транспарентност на политиките при нивното спроведување, неутралност и недискриминација и еднаков третман за домашни и за странски инвеститори, добра координација при споведување на политиките, ефикасност и ефективност на политиките и следење и постојано мерење на резултатите.
Вицепремиерот Анѓушев истакна дека мерките се подеднакво наменети за домашните и за странските инвестиции. Главен критериум за добивање помош од државата ќе биде резултатот од работењето, односно ќе бидат помогнати оние компании кои се подготвени да испорачаат раст на приходот во текот на тековната година.
Во наредните две до три недели ќе биде организирана јавна дискусија со стопанските комори, финансиските институции, МАНУ, универзитетите и сите оние кои сметаат дека можат да дадат придонес. Тие ќе може да достават писмени забелешки на Планот, а потоа сетот мерки ќе стапи на сила.
Првите резултати од пакетот мерки се очекуваат во 2018 година, а ќе се однесуваат на резултатите од работењето на компаниите од 2017 година.
Мерките ќе можат да ги користат сите компании кои досега не биле субвенционирани.