Владејачката коалиција во Јапонија, се чини, ќе го задржи парламентарното мнозинство, иако ќе загуби голем број места по денешните парламентарни избори, покажуваат излезните анкети објавени по затворањето на гласачките места.
Владејачката коалиција составена од Либерално-демократската партија (ПЛД, националистичка десница) и помладиот партнер, централно-десничарската партија Комеито, се очекува да освои меѓу 239 и 288 места во 465-члениот долен дом на парламентот, според излезната анкета на јапонската јавна телевизија ХНК.
Коалицијата имаше 305 места во тој дом на крајот од претходниот состав.
Приватната телевизија Асахи предвидува 280 места за владејачката коалиција, а телевизијата ТБС 269 места.
Дури и ако премиерот Фумио Кишида ја постигне целта и освои минимално мнозинство од 233 места за коалицијата, прелиминарните изборни резултати, доколку бидат потврдени, ќе значат предупредување за владејачката коалиција.
Ова ќе бидат најслабите резултати за ПЛД од нејзиниот голем пораз на изборите во 2009 година. Откако се врати на власт во 2012 година, ПЛД секогаш сама контролираше најмалку 60 отсто од долниот дом на парламентот.
Сепак, многу нешта се сменија од последните избори во 2017 година. Шинѕо Абе, кој беше премиер од 2012 година, поднесе оставка во септември 2020 година од здравствени причини. Неговиот наследник Јошихиде Суга издржа една година, откако достигна рекордна непопуларност поради здравствената криза и инсистирањето на одржување на Летните олимписки игри во Токио, иако повеќето Јапонци се спротивставија на тоа.
Фумио Кишида (64), кој стана нов претседател на ПЛД кон крајот на септември, а потоа беше именуван за премиер од страна на парламентот на почетокот на октомври, нема голема популарност. На почетокот на октомври неговиот рејтинг се движеше околу 50 отсто, што е еден од најслабите резултати за нов јапонски лидер во последните 20 години.
Опозициските партии, вклучително и централно-левичарската Уставно демократска партија (ПДЦ), се обединија во многу изборни единици за парламентарни избори, ставајќи ја ПЛД во дефанзива.
Пандемијата и економијата беа доминантни теми во изборната кампања, која траеше само 17 дена.
Кишида рече дека негов главен приоритет ќе биде борбата против Ковид-19, но исто така вети нов план за обновување на буџетот и рече дека сака да се бори против нееднаквоста во општеството.
Бројот на инфекции со коронавирус во Јапонија се намали во последните денови, откако достигна рекордно високо ниво во август. Во земјата, по бавниот почеток, е забрзана вакцинацијата и досега 71 процент од населението примиле две дози од вакцината против Ковид-19.