Владев: За само 100 дена во Свети Николе почната е реконструкција на училиштата, нови улици, бројни инфраструктурни проекти, а почнуваме со изградба на градинка во село Ерџелија

Одлучно решивме да настапиме на чело на локалната самоуправа и да го смениме трендот на раководење кој се покажа како нефункционален, но и фатално штетен кон општината и граѓаните, изјави градоначалникот на општина Свети Николе – Дејан Владев, на денешниот настан во Велес „Промени што носат иднина – 100 дена локална власт отчет на ВМРО-ДПМНЕ“

Тој истакна дена наследени се површно реализирани активности, без да се внимава на стандардите на квалитет и одржливост, потрошени биле огромни суми за реконструкции кои воопшто не се во сооднос на реалните потреби на граѓаните, а некои од нив иако се завршени до крај, за жал не функционираат воопшто, како и огромен долг во ЈКП Комуналец од близу 70 милиони денари и договори за реализација кои никако не се од бенефит за општината.

– Паркинг услугата во градот не функционира иако проектот ја чини општината околу 130.000 евра. Рампите се поставени на лоша локација и ги блокираат влезовите до делот од градот каде има најмногу здравствени ординации, спречувајќи го пристапот до истите. При вршењето на увид на активностите за реконструкција на Градскиот стадион во Свети Николе, утврдени се низа на неправилности при реконструкцијата, при што се повикани изведувачот и надзорот на проектот, да ги направат потребните корекции, за да се продолжи со правилна реконструкција на најзначајниот спортски објект во градот, рече Владев.

Владев истакна дека иако за рестартирање и ревитализација на прочистителната станица вложени се 162.000 евра, таа воопшто не функционирала, но истата наскоро ќе започне за функционира.

Се насочивме кон реализација на нови активности и проекти кои се дел од предизборната програма и сето она што го ветивме на граѓаните. Во поглед на образованието и детската заштита, обезбедени се средства за реконструкција на тавански површини во ходниците и инсталација на подови во дел од училниците во ООУ “Кирил и Методиј” и реновирање на подови и електрична инсталација во ООУ “Гоце Делчев”. За нашите најмили сограѓани веќе се остварени сите услови за изградба на градинка во с. Ерџелија, и во тек се градежни активности. Набавени се нови креветчиња за најмалите во детската градинка “Рахилка Гонева” во Свети Николе, изјави Владев.

Тој додаде дека договорена е изградба на балон спортска сала во ООУ “Даме Груев” во с. Ерџелија, со обезбедени сопствени средства, а создадени се услови за изградба на балон спортска сала во СОУ “Кочо Рацин” со обезбедени средства од Агенција за млади и спорт и Општина Свети Николе.

– Во поглед на инфраструктурата, во с.Мустафино обезбедени се услови да се постави втор крак од канализационата мрежа, а во тек е почеток на изградба на канализација во с. Пеширово. Со средства од Светска Банка за обнова и развој и Министерството за финансии, ќе се постави водовод во с.Орел. Целосно се асфалтирани улиците “Гоце Делчев” и “Јанко Глигоров” и целосно е изградена фекална и атмосферска канализација на улицата “Живко Чинго”. За подобрување на противпожарната заштита, преку фондацијата Флоријан, обезбедено е противпожарно возило за потребите на Територијалната противпожарна единица, а во тек е изградба на нова противпожарна станица, а паричните средства се добиени како грант од Американската амбасада и Инжинерската команда на морнаричките сили на САД (НАВФАК). Изградбата треба да се финализира до крајот на 2022, нагласи Владев.

Владев посочи дека во 2022 година се планира реализација нови улици – Александар Серафимов, Димитар Влахов и Нада Ицева, улици во с.Ерџелија, с.Горобинци и с.Црнилиште мост преку река Мавровица на ул.112, хидросистем Злетовица договорено е изградба на нова филтерна станица со резервоар за вода, реконструкција и поставување на фасада на вториот дел од стручното уличиште во состав на СОУ “Кочо Рацин” поставување на детско игралиште во Детска градинка “Рахилка Гонева” како и комплетна реконструкција на подрачното училиште “Гоце Делчев” во с. Горобинци.

– Во наредниот период целата наша енергија ја насочуваме кон реализација на она што е ветено. Мораме цврсто, одлучно и организирано да ги исправиме грешките кои се направени, да ја вратиме надежта на граѓаните за подобро и подостоинствено утре, бидејќи секој Светиниколчанец го заслужува тоа. Борбата ќе биде тешка и неизвесна, но само во исклучително тешки ситуации доаѓа до израз човековата големина, изјави Владев.