Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неговото интервју за Република истакна дека власта е далеку од двотретинско мнозинство за промена на Уставот и дека лидерската средба требаше да се случи пред Ковачевски и Пендаровски да го прифатат она што го прифатија.
„Oд она што го видов јас на лидерската средба е дека далеку се од двотретинско мнозинство што значи дека преземале обврска која што не зависи само од нив. Јас тоа го кажав дека оваа средба требаше да се случи пред Ковачевски и Пендаровски да прифатат ова што го прифатија. Тие требаше претходно да седнат и да кажат еве овој е потенцијален договор, се сложуваме не се сложуваме, имаме две третини немаме две третини. Ако видат дека немаат две третини се враќаат таму на преговорите и ќе речат извинете ние немаме две третини и ова неможеме да го поминеме и покрај тоа што сакаме да го поминеме, но за жал ние немаме две третини“, истакна Мицкоски.
Додаде дека е јасно тоа што нема никакви можности за две третини во овој Парламент и под овие услови и затоа логично е да има предвремени избори па граѓаните да одлучат како понатаму.
„Тоа се покажа на дело, еве веќе четврти месец од прифаќањето, нели јули беше сега сме ноември, јасно е дека нема никакви можности за две третини да има во овој Парламент под овие услови и овие околности за кои што ние цело време зборуваме. И затоа реков логичен след на работите е да имаме пред граѓаните да ги кажеме нашите планови, па тие нека одлучат како понатаму“, потенцираше Мицкоски.