Власта го повлече законот за надворешни работи, по најавата на опозицијата за блокада за амбасадори со двојно државјанство

Партиите од владејчката коалиција СДСМ, ДУИ и БЕСА го повлекоа во неделата предложените измени на Законот за надворешни работи со кои се предвидува амбасадор освен македонско, да може да поседува и државјанство од друга држава, а предлогот е повлечено откако претјодно опозициски пратеници реагираа дека ќе го блокираат неговото донесување со поднесување повеќе од 300 амандмани.

„Заедно со колеги пратеници ќе го блокираме предлог Законот за надворешни работи, каде за амбасадор се дозволува да има и друго државјанство, освен македонско. Тоа е погрешно решение и ќе поднесеме 300 амандмани“, порача Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Прво, како што рече поранешниот министер за надворешени работи, затоа што измената е произволна и претставува обид законот да се прилагоди на неколку персонални решенија на владините партнери за пополнување на амбасадорски позиции. Второ, додаде Милошоски,  измените се спротивни на Законот за класифицирани информации според кој неопходен предуслов за кандидатот за амбасадор да добие „безбедносен сертификат со степен Државна тајна” е да не е државјанин и на друга држава, а амбасадор без безбедносен сертификат не е амбасадор.

Милошски, исто така, посочи дека дипломатијата, како и безбедноста, е сензитивна професија каде лојалноста кон матичната држава Македонија не смее да биде доведена под знак прашалник.

Во измените кои во Собранието ги поднесоа трите партии од владејачкото мнозинсто беше наведено дека нивната цел е да се овозможи наводно уставното право секој граѓанин да учествува во вршењето на јавна функција.

Според предлагачите, токму ВМРО-ДПМНЕ во дипломатска мисија, спротивно на закон, испраќала дипломати со двојно државјанство.

„Сега, во контекст на другите случувања во нивната партија, само глумат наводен патриотизам. Очигледна е блокадата и деструкција на се што работи Собранието“, коментираат предлагачите кои сепак, по реакцијата најавуваат дека ќе се откажат од идејата.

И според Министерството за надворешни работи, „повлекувањето на некои од сегашните ограничувања за амбасадори нема да ја наруши сегашната контрола и сигруност на дипломатската мрежа“. Од таму најавуваат и сосема нов закон за надворешни работи.

На измените пред неколку дена реагираше Советот на амбасадори дека во време кога се негира македонската државност и идентитет со двојното државјанство на амбасадорите се уриваат темелите на државата.

Шефот на државата Стево Пендаровски минатата година не одобри неколку предложени амбасадори токму поради тоа што поседуваа двојно државјанство. Досега неколку амбасадори со двојно државјанство беа упатени на дипломатска мисија, но откако претходно се откажаа или го замрзнаа државјанството на втората држава.