ВМРО-ДПМНЕ прифаќа лидерска средба со премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, но само за предвремени парламентарни избори. Од опозициската партија истакнуваат дека не може да се разговара со власта за решение на спорните прашања околу статусот на СЈО, Изборниот законик и пописот наредната година кога проблемите ги создал токму Заев.
Се уште нема официјална покана за лидерска средба, иако премиерот јавно повика на состанок, а тврдеше и дека постои комуникација меѓу двата кабинети, но дека засега одговорот од ВМРО-ДПМНЕ бил негативен.
Од партијата на Заев велат дека се подготвени за разговар со политичките партии за сите прашања што се од интерес на граѓаните, а не за оние од интерес на ВМРО-ДПМНЕ.
Заев побара лидерска средба за да се разговара за три прашања за кои власта и опозицијата имаат различни ставови: статусот на Специјалното јавно обвинителство, пописот наредната година и нов Изборен законик. Средбата Заев прв пат ја спомена уште за време на претседателската кампања во април, но до тоа никогаш не дојде.