Власта наместо да ги краде вишоците на струја, да им ги понуди на компаниите за да се зачуваат работните места

-Понудивме решенија кои се однесуваат на олеснување на тешката состојба на стопанството и компаниите и затоа предложив вишоците кои ги произведува ЕСМ, наместо на сомнителен начин да завршуваат во приватни компании и понатаму некаде на Балканот, да ги отстапи за производната цена на стопанството, за да може стопанството тие вишоци да ги користи, и да се зачуваат работни места, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при денешната посета на Прилеп одговарајќи на новинарско прашање.

Тој посочи, наместо да плаќаат компаниите цена за струјата од 300-400 евра за мегават час, да му се плати на ЕСМ онолку колку што навистина го чини, а според пресметките тоа би било меѓу 80 и 90 евра за мегават час.

– И не само ноќните вишоци, туку и оние вишоци кои се случуваат за време на викендот, посебно во недела. Но, за тоа да се случи потребно е компаниите да работат во недела. А, за да работат во недела треба да се интервенира во Законот за работни односи и Законот за трговија, па да им се дозволи на компаниите со работниците да изберат тие самите кој ден ќе биде неработен, а недела да можат да го работат, за да може да се зачуваат работните места, да не се испуштаат работници, односно да не бидат работниците во неизвесност како ќе ги прехранат семејствата во услови на тешка финансиска и енергетска криза, рече тој.

– Втората мерка е за оние компании кои ќе имаат потреба, покрај овие вишоци да набавуваат струја, онаа разлика од регулираната до набавената, половина да ја плати владата. Соред наши калкулации, оваа пресметка би изнесувала не повеќе од 50 милиони евра. Тоа се пари кои редовно овие 5 години во првото тромесечие, официјалните лица ги крадат. Затоа кога зборуваат за штедење треба да се свртат самите кон себе и да престанат да крадат. Ако престанат да крадат тогаш ќе има пари за оваа мерка. Наместо овие пари да ги крадат преку ископ и наместени тендери во РЕК Битола, за мазут, јаглен, парите да завршат во стопанството да спасиме работни места, изјави Мицкоски.