Власта не обезбеди ниту квалитетен образовен модел, ниту го обезбеди здравјето на учениците и наставниците

На и така одложениот старт на учебната година слушавме како целта е постигнување на одредени резултати. Велеа, нема да бидеме исклучиви во позициите или здравје или образование и затоа ќе воведеме комбиниран образовен модел. Но, немаме ниту обезбедено здравје при работа ниту квалитетно образование, ова денеска преку прес-конференција го истакна Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.

„Како и сите останати суштински процеси во државата, така и образовниот процес е пред посебен предизвик во услови на пандемија. Иако останува нерешена судбината на околу 40.000 ученици кои немаат услови за следење на онлајн настава, сега и наставата со физичко присуство се соочува со несакани последици. Во изолација се вкупно 53 ученици и 8 наставници. Искрено, посакувам брзо и лесно оздравување“, рече Митева.

Притоа запраша што станува со безбедносните протоколи во образовните институции донесени од актуелната власт.

„Ве слушаме како повторно велите дека на сечија одговорност се почитувањето на мерките и протоколите. Се согласувам. Но, не слушаме која е вашата одговорност? Не слушаме одговор ниту на прашањата зошто доколку се почитувани пропишаните мерки имаме деца кои се во изолација? Како ќе продолжат со настава или како ќе го надоместат овој период? Се прашуваме зошто ниеден совет од експертите не го применивте? Ве советуваа дека има потреба од скрининг на вработените пред самото отворање на училиштата. За возврат, добивме совет од Министерството за образование и наука наставниците да се однесуваат одговорно и надвор од своето работно место. Повторно, сите ние сме виновни само вие не“, рече Митева.

Додаде дека вината е на страна на власта, којашто според неа не успеала да создаде систем.

„Бараме и пред се образовниот процес заслужува, систем на претходни проверки и однапред поставени правила и критериуми, систем на селекција и контрола. Најмалку од се ни треба систем во кој преку образованието правите бизнис“, заклучи претставничката на ВМРО-ДПМНЕ.