Влегол во болница и со самострел убил медицинско лице во германска болница

50-годишна здравствена работничка е убиена во Бад Цвестен во централна Германија. Полицијата соопшти дека осомничениот бил уапсен во текот на ноќта.

Напаѓач, наводно, влегол во болница во централна Германија вооружен со самострел и ја убил вработената, соопшти полицијата.

Жртвата, 50-годишна жена, била толку тешко ранета што починала „и покрај итната медицинска помош“ во болницата во Бад Цвестен во покраината Хесен.

Сторителот веднаш по злосторството, според надлежните избегал од местото на настанот, а полицијата започнала опсежна потрага.

Како осомничен е идентификуван 58-годишен маж од областа Пасау.

Полицијата успеала да го уапси ноќе на сервисна станица на автопатот во регионот Долна Франконија во северна Баварија. Надлежните соопштија и дека доказите се обезбедени, без образложение.

Полицијата не го именуваше осомничениот, ниту пак изнесе сознанија за можниот мотив. Тие, сепак, рекоа дека тој е во заштитен притвор.

Јавното обвинителство во Касел најави дека ќе поднесе барање до надлежниот окружен суд за на обвинетиот да му се одреди притвор.