Изминативе седум години е влошена состојбата со светскиот мир поради војните, вооружените напади и криминалот, со што се наруши тенденцијата на континуирано подобрување, се наведува во извештајот за глобална безбедност, изготвен од Институтот за економија и мир.
Регистрирано е зголемување на бројот на убиствата во вооружените напади во Блискиот Исток, Јужна Азија и Африка. Зголемен е и бројот на убиствата во големите градови во земјите во развој.
Многу повеќе луѓе стануваат бегалци заради судири во нивните родни места. Истражувањето констатира намалување на криминалот и конфликтите во поразвиените делови во светот, особено во Европа.
Со извештајот се опфатени 162 држави во 22 параметри, меѓу кои се воените трошоци, стапката на убиства или смрт заради конфликт, граѓански протести или тероризам.
Сирија и Авганистан се оценети како земји со најниско ниво на мир во светот, а во Јужен Судан, Централноафриканската Република, Украина и Египет е забележан најдрастичен пад на нивото на безбедноста. Исланд е држава со највисоко ниво на мир во светот.
Институтот проценува дека трошоците за воени дејствија во светската економија изнесуваат околу 8,9 билиони долари, односно околу 11,3 отсто од глобалниот БДП. Анализата покажува дека таа сума годишно расте со по 179 милијарди долари. И додека САД и државите од Западна Европа во голема мера ги намалуваат трошоците во сферата на одбраната, Кина, Русија државите долж нивните граници, како и повеќето земји од Блискиот Исток трошат повеќе средства за оружје.