Влошена состојбата кај тројца заболени од коронавирус

Кај тројца пациенти заразени со коронавирус кои се на Инфективната клиника во Скопје има лесно влошување на состојбата, кажа министерот за здравство Венко Филипче. Тројцата се повозрасни и се над 65-66 години, имаат поотежнато дишење, но не е потребна респираторна поддршка и кај нив се интензивира терапијата, додаде министерот. Останатите шестмина се во стабилна состојба.

Утрово се пријавило едно лице за тестирање, маж кој на 7 март дошол здрав од Германија и поради висока температира се јавил утрово во Инфективната клиника. Неговите резулати ќе бидат објавени во текот на денот. Денес одново ќе се тестираат и сопатниците на првозаболената пациентка, кои на 26 февруари влегле со комбе во земјава преку Табановце, зашто им завршува 14-дневната изолација.