Денеска е уште еден црн ден за демократијата во Македонија. Хунтата под водство на Зоран Заев продолжи со притворање на сите кои не размислуваат и кои не се плашеа гласно да се спротивстават на антидржавните политики што СДСМ ги спроведува периодов, изјави во вторникот вечерта на прес-конференција генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Денешниот ден ќе биде запишан во историјата како ден во којшто хунтата на Зоран Заев притвори шест народни избраници. Пет проценти од собранискиот состав е во притвор. Ова не е демократија! Ова е тиранија. Денеска беа притворени пратениците Жаклина Пешевска, Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски. На дел од нив им е изречен домашен притвор, а на дел ефективен и уште вечерва се префрлени во истражен затвор. Народни избраници се испраќаат во притвор, а осудени убијци и терористи се ослободуваат. Судот, под притисок на хунтата на лица кои убија пет момчиња и треба да одговараат за тероризам им изрекува мерка да се јавувале два пати во неделата, а нивни познаници се уште се во бегство“, истакна Мицкоски.
Додаде дека тоа е правдата во Македонија под контрола на Зоран Заев.
„Со ваквиот начин на делување хунтата на Зоран Заев ги закопува сите можности за нормално функционирање на Собранието и институциите кои би требале да ја контролираат извршната власт. Ги закопува сите можности за дијалог и си обезбедува неконтролирана моќ. Ова е само уште едно камче во мозаикот на неправдата кои почна да го креира хунтата на власт. Почнаа со измислени обвиненија и ги прогласија за терористи Игор Дурловски, Владо Јовановски, Богдан Илиевски, Борис Дамовски и други патриоти и уметници само затоа што гласно говореле и се спротивставувале на хунтата на Зоран Заев. Завршија со притворање на пратеници кои треба да бидат гласот на народот во Собранието и да ја контролираат извршната власт. Монтираниот прогон против 36-мина недолжни граѓани, пратеници, актери, уметници, архитекти и полициски службеници со најтешкото дело тероризам има за цел да го замолчи македонскиот народ, кој треба да остане нем набљудувач на раскрчмувањето на државата“, рече Мицкоски.
Во името на ВМРО-ДПМНЕ побара безусловно запирање на сите овие процеси на политички прогон.
„Бараме итно и безусловно стопирање на малтретирањата, на теророт и изживувањето кое го прави СДС. Бараме итно пуштање на слобода на сите лица кои се опфатени со овој класичен политички прогон. ВМРО-ДПМНЕ ќе остане на улиците се додека овој реваншизам и тенденциозен атак не престане“, заврши Мицкоски.