Лагите нема да го подобрат стандардот на граѓаните, тие очекуваат од Зоран Заев да ги исполни ветувањата што ги даде пред избори, а не со манипулации и дезинформации да ги дефокусира од обврските кои ги презеде, се вели во демантот од ВМРО-ДПМНЕ во врска со изјавите на новиот премиер кажани во интервјуто од вторникот вечерта на јавниот сервис МТВ.
„Заев лажеше дека кој и да е д ВМРО-ДПМНЕ во разговорите со СДС побарал каква било амнестија. Човек што е двапати аболициран за криминал веројатно со ваквите дезинформации сака да си подготви терен и за трета амнестила за случајот Поткуп. ВМРО-ДПМНЕ и досега во повеќе наврати демантираше дека воопшто се разговарало со Заев на оваа тема“, се вели во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека Заев излажал кога изјави дека во државниот Буџет се останати само 6 милиони евра. Потсетуваат дека токму новиот министер за финансии пред два дена се пофали дека се исплатени околу 77 милиони евра од Буџетот на име на субвенции, стипендии и пензии.
„Вистината е дека новата Влада на СДС во Буџетот доби 130 милиони евра, освен ако Заев не сакаше несвесно да признае дека 124 милиони евра мистериозно исчезнале“, инсистираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Тврдат дека Заев во споменатото интервју лажел кога рече дека јавниот долг изнесувал над 50 отсто од БДП, а дека скриениот долг изнесувал над милијарда евра. Фактичката состојба гласи дека јавниот долг на 30.04.2017 година изнесувал 45,9 осто.
„Со овие паушални бројки и лаги, Заев и практично го загрозува кредитниот рејтинг на Република Македонија и ризикува кредиторите во иднина да бараат повисоки каматни стапки“, предупредуваат од ВМРО-ДПМНЕ и истакнуваат дека
особено загрижува начинот на кој новиот социјалдемократски премиер пристапува кон суштинските прашања.
Опасно е човек на негова позиција да ги релативизира сите прашања и дека бега од конкретни одговори и одговорност, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Граѓаните од него не очекуваат лаги и манипулации, туку очекуваат да ги исполни ветувањата што ги даваше пред избори. Граѓаните очекуваат Република Македонија час поскоро да стане членка на ЕУ и НАТО без да се задира во идентитетските прашања. Граѓаните очекуваат нови 500 километри автопат, а не лаги како изградбата на постојните била закочена. Граѓаните очекуваат 16.000 денари минимална плата и 30.000 просечна, а докторите очекуваат плата од 100.000 денари“, се потсетува во реакцијата.