Артан Груби од ДУИ во вечерашното гостување на ТВ 24 рече дека се надева дека сите партии ќе учествуваат на избори на 5 јули.
-Ставот на ВМРО-ДПМНЕ беше 15-ти јули, а 5-ти јули е наше компромисно решение. Сметам дека сите ќе учествуваат на изборите затоа што не можат да си дозволат луксуз да не одат на избори, кои се всушност признаени од институциите и се под мониторинг на ОБСЕ и ОДИХР, рече Груби.
Побаравме став од ВМРО-ДПМНЕ за изјавата на Груби кој истакна дека партијата бара избори на 15-ти јули.
-Нема да навлегуваме и да им даваме на значење на такви неточни изјави, но она што е точно е дека ДУИ посакува избори на 5-ти јули, а не во средината или на крајот од месецот бидејки стравува од волјата на албанската дијаспора која масовно се враќа во Македонија во тој непосакуван период за ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ од почетокот има јасен став дека потребно е да се заштити здравјето на граѓаните и да се обезбедат минимум услови за фер и демократски изборен процес со квалитетен мониторинг, одговорија од партијата.