ВМРО-ДПМНЕ го повика Филипче да го стави „ксарелто“ на позитивна листа

Министре, ставете го и антикоагулантот „ксарелто“ на позитивна листа, а за „клексан“ и „фраксипарин“  направете реално да бидат на позитивна листа, а не граѓаните да плаќаат повеќе од 50 проценти од цената, тоа не е позитивна листа, го повика Марија Андоновска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на Венко Филипче.

– Државата, или министерот за здравство Венко Филипче преку Фондот за здравство, не најдоа начин да има доволно количини на антикоагулати, лекови кои помагаат да не дојде до згрутчување на крвта и создавање на тромб, ама затоа најдоа начин како да ги зголемат цените. Колку за илустрација, цената на познатиот антикоагулант „клексан“ се движеше од 175 до 182 денари, а сега се движи од 255 до 270 денари. Но, Фондот ќе ви врати само 101 денар. Или цената за 10 „фраксипарини“ од 0,6 во аптека се плаќа 2.675 денари, а Фондот враќа за тоа 1.509 денари минус партиципација 240 денари. Значи за 10 „фраксипарини“ купени во аптека за цена од 2.675 денари, Фондот враќа само 1.269 денари. Или не враќа ниту 50 проценти – објасни Андоновска.

Таа посочи дека иако цената на лекот е зголемена, Фондот не ја зголемува сумата која треба да им ја врати на граѓаните, што е направено со дозвола од Министерството за здравство на 10- ноември минатата година.

– Сумата која Фондот ја враќа не е сменета од 2014-та година. Кога има вакви поместувања на цените на пазарот, мора да се прилагоди и сумата која ја враќа Фондот на граѓаните. Филипче дава налози за повисоки цени и заедно со Фондот ги пљачка граѓаните во време пандемија – рече Андоновска.