Ниту Претседателот Никола Груевски, ниту Сашо Мијалков немаат никаква поврзаност со приватизацијата на фабрики во Србија, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ниту претседателот Никола Груевски, ниту Сашо Мијалков извлекувале пари од Македонија за да купуваат фирми во Србија, како што пренесуваат медиумите под контрола на СДС. Зоран Заев и СДС имаат потреба да ја дефокусираат јавноста со секакви манипулации за да го сокријат срамот што граѓаните секојдневно го гледаат. Хунтата под водство на Зоран Заев целосно ги потчини судовите кои веќе не ги интересира правото и правдината, туку само исполнување на политички нарачки. Затоа осудените за грозоморната ликвидација на момчињата кај Смилковско езеро се пуштаат да се бранат од слобода за кривично дело тероризам, а се притвораат патриоти чиј единствен грев е што си ја сакаат татковината. За да ги сокријат сите антидржавни политики, медиумите под контрола на СДС имаат потреба без да ја проверат точноста на информациите да пренесуваат интервјуа од соседни земји чија намена е внатреполитичка пресметка. Изнесените наводи во интервјуто кое го пренесуваат порталите блиски до СДС се целосно неточни и најостро ги демантираме“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.