ВМРО-ДПМНЕ и Левица го прозваа јавниот обвинител: Се плаши ли Јовески од пратеничките прашања?

Од пет седници во последниве пет месеци, јавниот обвинител Љубомир Јовески не присуствувал на три од нив, испраќа дописи дека поради службени обврски бил спречен да дојде во парламентот, дали се плаши од пратеничките прашања, праша Никола Мицевски, пратеник и коoрдинатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно реагираше и Димитар Апасиев од Левица поради неприсуството на Јовески, а Горан Мисовски од НСДП рече дека сите избрани функционери од Собранието би било добро да бидат присутни на седниците и образложи дека јавниот обввинител со допис информирал дека поради службени обврски нема да може да дојде на денешната седница.

Пратеничко прашање беше упатено и до министерот Венко Филипче во врска со работата на гинеколошката ординацијата во Шуто Оризари каде неодамна, по многу години, 20.000 жени од општина добија матичен гинеколог.

– Министерството за здравство прв пат презеде оврска да ја опреми ординацијта во Шуто Оризари – рече Филипче кој најави дека освен матичен лекар и медицинска сестра наскоро таму ќе има и ноќна медицинска служба.

Министерот додаде дека изминатиов период заедно со граѓанските организации, активни во општината, сите жени од општината добивале помош во делот на советувања, соодветна терапија, во делот на упатувањата кон соодветни специјалисти. По долги години, сега жените нема да бараат здравствени услуги во други здравствени установи.