ВМРО-ДПМНЕ и натаму ќе продолжи да биде коректор на лошите економски политики и со свои сугестии и планови за подобрување на моменталната состојба, беше заклучено на втората редовна седница на Централниот комитет на партијата.
На седницата на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одржана во петокот доцна вечерта се дискутирало за актуелните политички случувања во државата, заостанувањето во реформската агенда, демократското назадување, влошувањето на економската состојба, како и за остварените посети на претседателот Христијан Мицковски во Европскиот парламент и САД, информираат од партијата.
„На седницата се дискутираше за сѐ поголемото стагнирање на македонската економија и за безидејноста на оваа власт да се справи со овој предизвик. ВМРО-ДПМНЕ и натаму ќе продолжи да биде коректор на лошите економски политики, со свои сугестии и планови за подобрување на моменталната состојба. Мицкоски ги запозна членовите на Централниот комитет за посетите во Европскиот парламент, САД, Унгарија и Балканските земји, Хрватска, Словенија и Србија. Тој истакна дека овие посети и средби со голем број на политичари биле со цел за да бидат запознаени поддржувачите на Македонија за состојбата во која се наоѓа државата“, стои во партиското соопштение.
Притоа се истакува дека партискиот челник Мицковски јасно и недвосмислено потенцирал дека своите соговорници во Брисел и Вашингтон, како и во Будимпешта, Загреб, Љубљана и Белград, ги запознал со случувањата во Република Македонија, однос, како што се вели во објавата, со демократската назадување на земјата.
„Кршењето на човечките права и слободи од страна на сегашната власт, како и злоупотребата на институциите кои ги прави владата на СДСМ, прогонот и тортурата врз пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, уметници и неистомисленици на владејачката гарнитура и економското уназадување во изминативе девет месеци биле нотирани од страна на делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ при средбите. Претседателот на своите соговорници им сугерирал дека ВМРО-ДПМНЕ и понатаму со сите свои сили и можности ќе продолжи да се бори за правата и еднаквостите на граѓаните на Република Македонија, како и тоа дека ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ќе продолжи да чекори рамо до рамо со своите десничарски сестрински партии, во Европа, но и во светски рамки“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, по предлог на Извршниот комитет донесе одлука за нови членови на Извршниот комитет да бидат избрани Драган Данев, кој воедно е и нов координатор на пратеничката група на ВМРО- ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија и Александар Велјановски, кој ја извршуваше функцијата претседател на општинскиот комитет на ВМРО- ДПМНЕ во Тетово.