
Очигледно криминогеноста е главната врска на владејчките СДСM и ДУИ во Владата, а „интегративците“ и нивниот прв вицепремиер Артан Груби наместо нервозно да реагираат треба на јавноста да ѝ објаснат како тоа шалтерски работник во семејната фирма на Груби станал сопственик на фирма за баждарење на бензиски пумпи, порачаа во понеделникот од ВМРО-ДПМНЕ.
За опозциската партија конкретно проблематично е како фирмата „Метролаб“ по само четири месеци од нејзиното формирање добила акредитација од Бирото за метереологија раководено од Мерита Мустафи, исто така, кадар на ДУИ? Притоа од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат и како сопственикот на оваа фирма која влегува во вносен бизнис со Владата останал да работи уште извесно време како шалтерски работник во туристичката агенција на Груби и дали Груби стои зад оваа опрација, а неговиот вработен е само параван?!
„Дополнително нешто кое што треба Груби и ДУИ да го одговорат е како истата таа дирекорка на Бирото за метереологија Мерита Мустафи се секнала со луксузна хациенда на Попова Шапка со големина од 150м2 и истата не ја пријавила во анкетен лист? Како со чиновничка плата некој во Македонија може да се стекне со таков луксуз и зошто притоа тој луксуз не го пријавила? Дали не е пријавен тој имот затоа што тешко може да се докаже како е стекнат?“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ги повикуваат надлежните институции да го проверат „целиот овој октопод“ кој се врзува со високиот владин функционер Артан Груби.
„(Премиерот Димитар) Ковачевски очигледно молчи и се плаши било што да прокоментира, бидејќи функцијата му е дадена под кирија. Одговорност за криминалите на оваа власт на ДУИ, поддржана од СДС мора да има“, заклучуваат од опозицската партија.