ВМРО-ДПМНЕ континуирано вложува во младите кои во иднина ќе ја водат партијата, порача Мицкоски

Натпреварот да бидете секогаш подобар треба да биде главен мотив на сите оние млади генерации кои што допрва доаѓаат во рамки на структурите на партијата, бидејќи природниот процес на замена на генерации е една неминовност, истакна во петокот претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на отворањето на Академијата која ја организира Партискиот истражувачко – аналитички центар при опозициската партија со поддршка на германската фондација „Конрад Аденауер“.

„Ние секогаш сакаме да вложуваме во генерациите кои доаѓаат, бидејќи само со континуирано вложување во генерациите кои доаѓаат ние можеме да бидеме подобри и само оној кој остава позади себе цврста основа и цврста подлога се смета за успешен претседател, успешен професор, успешен педагог или како и да земете. Важно е што ќе оставите зад себе, а не што ќе се обидете да направите напред.

Важно е и тоа, се разбира, но исто така е многу важно што ќе оставите позади себе. Затоа овие политички академии се многу значајни посебно за Унијаа на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, за луѓето кои треба понатаму да ја водат партијата, да ги водат комисиите во партијата, да бидат пратеници, градоначалници, да бидат луѓе кои ќе бидат дел од Извршниот комитет на партијата и се надевам дека ваквите настани за нив многу значат и тие ќе можат да извлечат одредени искуства кои потоа ќе ги применат“, додаде Мицкоски.