Распукани плочи, руинирани скали, испокршени клупи, отворени канализациони и одводни системи и по некоја помала дупка е сликата која граѓаните може таму да ја видат, велат од ВМРО-ДПМНЕ од Куманово.
-Во секој град, плоштадот е централно место за граѓаните, јавен простор, седиште за јавниот живот, огледало на секој град. Секогаш без исклучок плоштадите се едни од најуредените простори, кои се главни собиралишта на граѓаните, но не и во Куманово. Денеска од плоштадот „Нова Југославија“ со длабоко жалење може да видиме дека во Куманово важат други правила. Куманово го има најруинираниот плоштад, кој како резултат на состојбата во која се наоѓа, претставува голем срам за локалната власт. Распукани плочи, руинирани скали, испокршени клупи, отворени канализациони и одводни системи и по некоја помала дупка се одлика на кумановскиот плоштад. Немањето јавен тоалет е исто така еден од проблемите на граѓаните и туристите, приморани се да ги користат околните влезови на зградите, при што станарите се револтирани и загрижени за хигиената и нивното здравје, велат од ВМРО-ДПМНЕ- Куманово.
Како што велат од партијата, граѓаните не се сеќаваат кога ситуацијата била толку лоша.
-Секојдневно граѓаните револтирани реагираат и прашуваат кога ќе се среди просторот, при тоа неможејќи да се сетат дали некогаш во минатото била толку лоша состојбата како што е денесека. Локалната власт оптеретена со висока политика и кадровски прегрупирања, како да не го забележува плоштадот, како да не сака да ја види грдата слика за која се свесни граѓаните, а претставува последица од неодговорната и штетна политика на градоначалникот и СДС во Куманово.
Тие го повикаа Дамјановски да престане со игнорантскиот однос кон граѓаните и наместо да води евтина кампања, да се фати за работа.
-Би сакале да го прашаме градоначалникот, дали поминува покрај плоштадот, зошто после речиси 12 години од неговото управување со градот, се уште сме приморани да гледаме вакви срамни слики на централниот плоштад. Време е да престане со игнорантскиот однос кон граѓаните и наместо да води евтина кампања за локалните избори, да почне вистински да се ангажира, за почеток со санирање и разубавување на плоштадот и централното градско подрачје, велат од ВМРО-ДПМНЕ-Куманово.