Учениците – матурантите не дозволија несовесната министерка до крај да им ја уништи иднината и прифатија решение, кое не целосно ги подржува нивните барања. Учениците покажаа зрелост која што недостасува кај ресорниот министер, реагира ВМРО-ДПМНЕ на договорот меѓу средношколците и Владата за државната матура.
– Покрај тешкотиите во школувањето во период на ковид-19 пандемија матурантите се соочија и со психолошки проблеми, губитоци на финансии во семејството и губитоци на животи. Притоа се соочија и со бесчувствителниот тврд став на ресорната министерка Мила Царовска, која не покажа воопшто разбирање за нив. Дополнително, учениците – матуранти беа изложени на постојан притисок од директорите од училиштата поставени повторно од власта. Матурантите протестираа и изгубија драгоцено време и енергија за на крај, сепак Владата да попушти- но не докрај да ја испочитува нивната волја – велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека го почитува ставот на матурантите за постигнување компромисен договор за начинот за полагање на матурата, иако нагласуваат дека како министер кој што дал ветување, Мила Царовска можела и морала да ги послуша токму учениците коишто покажаа интегритет, упорност, но и способност за организирање преговори.