Два дена реакции во јавноста за изјавата на коалициската пратеничка на Заев, Морачанин, дека цената на струјата требало да биде поскапа. Заев никаде го нема да им објасни на граѓаните дали се согласува дека народот треба да плаќа уште поскапа електрична енергија, ова денеска преку соопштение до јавноста го истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ.
-Попусти се фалбите на СДСМ дека граѓаните нема да плаќаат поскапа електрична енергија, со намалувањето на ДДВ-то, кое по вина на власта се одолговлекуваше во Собранието. Граѓаните не треба да бидат излажани, законското решение е до крајот на годината, а со неспособното владеење на СДСМ народот го очекува ценовен шок. Храната е поскапа, инфлацијата е во подем, горивата се поскапени за 14 денари, сметките на граѓаните растат, платите не се доволни за нормална живеачка, а Заев без мака воведува и нови давачки, затоа што ја задолжи државата за дополнителни 2.4 милијарди евра, а тендерите во четири очи го испразнија Буџетот. Јавноста реагира за поскапата електрична енергија, а експертите предупредуваат дека со затворањето на РЕК Битола и недоволните производни капацитети, власта која појма нема од менаџирање со државните ресурси се обидува да го осуди овој народ да плаќа даноци, нови покачувања и измислени нови давачки. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи оваа тажна реалност во која живее македонскиот граѓанин да продолжи. Со новиот концепт „Македонија за сите луѓе“ знаеме како и ќе се погрижиме да се продолжи животот на термоелектраните, што само по себе ќе обезбеди поголемо производство на електрична енергија која ќе биде поевтина за сите домаќинства, велат од партијата.
Од таму додаваат дека власта не е способна на граѓаните да им обезбеди поевтина електрична енергија, но ВМРО-ДПМНЕ не само што ќе ја намали цената на чинење на струјата, туку и ќе обезбеди парите од покачената акциза да се вратат кај граѓаните. Време е да престане грабежот врз народот кој го прави Заев четири години, време е за Македонија за сите луѓе.