ВМРО-ДПМНЕ: Наместо да лудуваат со мотори, Филипче и Заев да дадат детали за вакцините!

Информацијата дека првата доза од 5.850 вакцини против ковид-19 од производителот „Фајзер“ стигнува во февруари што денеска ја сподели министерот Венко Филипче следи со недозволиво доцнење, а станува збор за мала доза на вакцини, реагира ВМРО-ДПМНЕ.

„Ова е доволно да се вакцинира отприлика само еден град колку Злетово кој брои помалку од три илјади жители. Филипче продолжува со некакви полуинформации дека во директни преговори се обезбедени 800.000 дози за цела 2021. Детали за тоа кога и колку вакцини ќе стигнат нема. И додека Филипче вели дека динамиката дополнително ќе ја утврдува, регионот и земјите од ЕУ имаат многу јасна слика или детален план“, се наведува во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму наведуваат примери од земјите од соседството, како и „што треба или требаше да направат Филипче и Зоран Заев, наместо да возат мотори“.

„Грција во првата тура доби 9.750 вакцини, за веднаш следната тура на вакцини од ‘Фајзер’ да биде 83.850 дози. Ова се дози на вакцини кои стигнаа до крајот на декември 2020 година. Планот на Грција кој го соопштија надлежните вели 419.250 дози исто од ‘Фајзер’ до крај на јануари, 333.450 дози исто од ‘Фајзер’ до крај на февруари, околу 400.000 дози во март за до крај на март бројот достигне до 1.255.800 дози. И ова се вакцини само од ‘Фајзер’. Во првиот квартал на 2021 година Грција очекува 240.000 дози од ‘Модерна’. Потоа 500.000 дози од ‘АстраЗенека’ до крај на јануари, исто од ‘АстраЗенека’ 800.000 дози до крај на февруари, 1.500.000 од истиот производител до крај на март, и 2.200.000 од ‘АстраЗенека’ до крај на април. Дополнително, Грција чека вакцини од ‘Санофи’, ‘Џонсон и Џонсон’ и ‘КјурВак’.

Премиерот на Албанија Еди Рама на првиот ден од 2021 година објави договорени 500.000 дози од ‘Фајзер’ и даде и детали, 10.750 дози ќе стигнат третата недела од јануари, 30.000 дози во февруари.

Филипче и Заев наместо да лудуваат со мотори, за што единствено се покажаа способни, да излезат пред граѓаните и да дадат детали за вакцините“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.