СДСМ и премиерот Зоран Заев час поскоро треба да се свестат и да сфатат дека не се веќе опозиција и дека е редно конечно да почнат да ги реализираат проектите кои ги ветија пред граѓаните во предизборниот период, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Наместо да ги релативизираат нивните предизборни ветувања и да бараат начин како да не ги исполнат, треба да се зафатат со работа, наместо да се занимаваат со дневна политика и да пуштаат ветер и магла на граѓаните, надевајќи се дека така ќе заборават што ветуваа. Наместо од петни жили да се трудат да ја промовираат мерката за минимална плата од 12.000 денари и посочуваат колку истата ќе им помогне на работниците во подобрување на нивниот животен стандард, треба да им објаснат на граѓаните што стана со минималната плата од 16.000 денари кои ја ветуваа во предизборниот период“, се вели во реакцијата.
Што стана со просечната плата од 500 евра, што стана со 550 километри автопат, 1.000 километри магистрални патишта и 600 километри локални патишта, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Граѓаните од СДС и Зоран Заев очекуваат наместо да се фалат со ребаланси на буџет и да се сликаат со амбасадори по нивните кабинети, да ги засукаат ракавите и со конкретни проекти да им го подобрат животниот стандард. Во изминатите месец дена, никаде не слушнавме за покачување на платите на администрацијата, покачување на пензиите на пензионерите, зголемување платата на докторите од 100.000 денари, единствено што видовме од СДС и Зоран Заев е укинување на проекти кои беа имплементирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ и кои даваа позитивен ефект, само заради дневна политика. Ако по утрото денот се познава, така наречената реформска влада на СДС, се повеќе го покажува својот антиреформски капацитет“, се додава во реакцијата.