ВМРО-ДПМНЕ нема да ги признае бројките од попишаното нерезидентно население, рече Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска рече дека ниту тој ниту ВМРО-ДПМНЕ нема да ги признаат бројките од попишаното нерезидентно население.

– Мојот став е дека дијаспората не може да биде дел од пописот, затоа што ако го прочитате Законот членот 8 став 2 и 3 јасно кажува кој дел од лицата кои во моментот на спроведување на операцијата попис не се наоѓаат во Македонија, туку се наоѓаат надвор од Македонија, односно со времен престој, а времен престој јасно значи дека тие не го откажале живеалиштето. Сите лица кои имаат повеќе од 12 месеци одјавено живеалиште во Македонија не може заедно со мене да влезат во вкупната бројка на резидентно население, и јас и ВМРО-ДПМНЕ тие бројки нема да ги признаеме. И не постои сила која мене ќе ме натера да одам спротивно од стандардите на Евростат – рече Мицкоски.

Тој истакна дека сите оние кои се во моментот на попис надвор, а не го одјавиле живеалиштето во изминатите 12 месеци, можат да ја користат онлајн апликацијата, останатите не.

– И мене не ми е сеедно дали мојот бруто домашен производ кој заедно со вас ќе го поделам од 11 милијарди евра на резидентното население кое што ја остварува таа бројка или ќе го поделам со регистарот на државјани кои што создаваат бруто домашен производ во државите каде што живеат. Тоа нема да го прифатам. Тоа е лажирање. Тие луѓе кои го одјавиле местото на живеење во Македонија ќе бидат попишани во државата каде што се наоѓаат, а не тука. Не може тие луѓе двапати да бидат попишани. Колку и да сакаат да се трудат политичарите, малкумина, кои се дел од албанските партии да ги злоупотребат чувствата на Албанците, нема да успеат – оцени Мицкоски.