ВМРО ДПМНЕ излегоа незадоволни од средбата на работните групи на политичките партии за разгледување на последниот француски предлог, чие прифаќање би довело до кревање на бугарското вето за почеток на преговори на земјата со Европската Унија. Потпретседателот на партијата Александар Николовски по средбата рече дека претставиле шест барања за промена на преговарачката рамка, за кои како што истакна немале слух од власта поради што повика на протести.
Така, меѓу барањата на ВМРО ДПМНЕ на оваа средба е бришење на унилатерланата изјава од Бугарија која се однесува на македонскиот јазик, тргање на билатералните работи од преговарачката рамка, како и нема поделба на правата меѓувладина конференција, односно да нема отворање на Уставот. Според францускиот предлог, за почеток на преговорите е неопходно Бугарите да бидат внесени во преамбулата на македонскиот Устав.
„Ние сметаме дека уставни измени не се потребни за Македонија да почне преговори со ЕУ“, истакна Николоски кој забележа дека властите се уште не го објавуваат протоколот затоа што тој е лош.
Засега се објавени два документи, а необјавувањето на третиот (протоколот) од власта го правдаа со тоа што се уште се работи на негово усогласување.
Николски рече дека се спремни на разговори за да се усвојат нивните шест барања, со кои вели дека се бара заштита на националните и државни позиции.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денешната средба ја оцени како конструктивна, при што се размениле идеи околу тоа како може во наредна фаза и Собранието и Владата да се постават за европскиот предлог.
Маричиќ посочи дека на состанокот ги изнеле нивните позиции, како СДСМ и Владата дека овој предлог ги задоволува или излегува во пресрет на очекувањата на нашата земја.
Дополнително, како што информира тој, предложиле текст со предлог заклучоци.
ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, изнесе и други идеи поврзани со евентуални промени на преговарачката рамка.
„Беше добра почетна средба со овие позиции и мислам дека во наредните денови треба да продолжиме да разговараме, дали вечер, утре или наредните денови постои желба да се разговара на оваа тема“, изјави Маричиќ.
На тркалезната маса за усогласување околу францускиот предлог денеска седнаа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и координаторите на пратеничките групи на СДСМ и ДУИ Јован Митревски и Арбер Адеми наспроти пратениците од ВМРО ДПМНЕ Александар Николовски и Антонијо Милошоски, лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов и Елми Азири од Алијанса на Албанците.
Бугарија веќе 2 години ги блокира евроинтеграциите на Македонија во ЕУ.