
Од Општинскиот комитет Прилеп на ВМРО-ДПМНЕ, ги повикаа прилепчани масовно да се приклучат на големиот народен собир кој ќе се одржи во понеделник, во 20 часот во Скопје.
„Борбата за Македонија никогаш не запира. Секој нов предизвик не соочува со одговорноста која ја имаме пред нашите претци, пред паднатите херои кои се бореле и го дале својот живот за независна Македонија. Но имаме и обврска кон идните генерации, имаме одговорност да создадеме и оставиме економски силна и достоинствена Република Македонија, членка на ЕУ и НАТО. Денес, исправени сме пред нова, демократска битка, за стабилност и развој на нашата држава. Исправени сме пред битка за продолжување на реформите, наспроти црните сценарија за уривање на државноста и просперитетот на Македонија“, велат од ОК на ВМРО – ДПМНЕ Прилеп.
За таа цел, од Општинскиот комитет ги повикаа прилепчани масовно да се приклучат на големиот народен собир кој ќе се одржи во понеделник, во 20 часот во Скопје.
„Мирен собир на кој ќе покажеме дека сме единствени и одлучни, кога се работи за Македонија. Да покажеме дека демократските принципи значат почитување на правото на глас, почитување на изборната волја на народот. Да покажеме дека цврсто стоиме зад безбедносните сили кoи го бранат и чуваат суверенитет на Република Македонија. Да дадеме поддршка за исплатата на субвенциите на земјоделците, поддршка за подобра иднина на младите, подобри услови за учениците и студентите, за зголемување на пензиите на пензионерите, платите на работниците. Да дадеме поддршка на политиката за отварање на нови работни места и нови фабрики, нови патишта и улици, градинки, училишта и уште многу нови проекти за успешна и силна држава со многу насмеани лица во неа. Но исто така, на овој народен собир, ќе испратиме и силна порака дека македонскиот народ ќе им се спротистави и нема да подлегне на сценаријата за дестабилизација на Македонија. Почитувани сограѓани, Ве повикуваме, сите заедно, мирно и достоинствено, во понеделник да дадеме поддршка за стабилна и економски просперитетна држава. Да покажеме дека нашиот избор е Европски Прилеп, дека нашиот избор е силна Македонија“, велат од ОК ВМРО – ДПМНЕ Прилеп.