![bojan stojanoski](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/06/bojan-stojanoski.jpg?resize=696%2C419&ssl=1)
Зоран Заев и владата водат тајни разговори со Бугарија. Заев да каже што прифаќа, и дали на маса е македонската национална посебност? Го повикуваме народот да биде внимателен и сериозно да ги следи состојбите бидејќи на Заев не може да му се верува. Тој досега безброј пати покажа дека едно ветува, а друго прави. Заев се колнеше во најмилото, и тврдеше дека идентитетот е бетон, а потоа се случи нешто сосема друго, изјави на денешната прес конференција, Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Зоран Заев криеше од јавноста и дека воопшто преговара, за откако ВМРО-ДПМНЕ го прозва да признае. Сега Заев крие за што разговара. ВМРО-ДПМНЕ е сериозно загрижена за државата. Сите ги знаеме бугарските позиции. Но, никој не ги знае позициите на Зоран Заев, тој јавно ги менува своите ставови и ја понижува Македонија. Заев јавно кажуваше дека македонскиот и бугарскиот народ се исти, исто како и јазиците. Заев во своите интервјуа сто пати ги продаде нашите историски личности. После таквите испади на Заев тој нема повеќе преговарачки капацитет. Позициите на Македонија со Заев се разнишани и постои сериозна опасност дека секој договор што тој би го постигнал ќе биде на штета на државата“, вели опозицискиот пратеник.
Стојаноски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ однапред кажува дека нема да почитува договор кој ќе значи негација на Македонија, нејзината национална посебност, јазик и историја.
„Дополнително го повикуваме Заев јавно да каже и да ја запознае јавноста за што преговара и дали на маса е нов национален пораз. Уште еднаш апелираме до народот со големо внимание да ги следи случувањата и да биде подготвен да ги браниме националните црвени линии“, заклучи Стојаноски