СДСМ ветуваше дека Македонија ќе ја внесе во ЕУ и НАТО за шест месеци, а сега сме сведоци на растечка корупција и критики во круцијални делови од извештајот на Европската комисија, реагираше во вторникот опозициската партина ВМРО-ДПМНЕ.
Најголемата опозициска партија истакнува дека враќањето на безусловната препорака за отпочнување на преговорите на Република Македонија за членство во ЕУ е позитивен сигнал кој треба да резултира и со безусловно доделување на датум за преговори. Тоа би била вистинската награда за сите напори во реформите кои ги реализираше Република Македонија изминативе години, а кои беа исто така нотирани во позитивни извештаи со безусловна препорака седум години по ред, од 2007 до 2013 година.
„СДСМ ветуваше дека Република Македонија ќе ја внесе во ЕУ и НАТО за шест месеци, а сега сме сведоци на растечка корупција и критики во круцијални делови од извештајот. Република Македонија е најкорумпирана земја во Европа, а истото беше нотирано и во извештајот на Транспаренси на кој што земјава пропадна за уште 17 места подолу. Сега истиот факт е нотиран и во извештајот на ЕУ. Република Македонија е заробена држава. Потврдена е корупцијата на високо ниво и партизацијата на институциите. Европската комисија јасно го нотира и политичко влијание во институциите“, стои во реакцијата на партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваа дека власта е неефикасна и во борбата против организираниот криминал.
„Зоран Заев е единствениот премиер во Европа за кого сведоци во судот потврдуваат дека барал поткуп, а истиот го предводи телото за судски реформи. Декларативните заложби за ЕУ интеграција на власта не се доволни. Државата и граѓаните имаат потреба од функционални институции и ефективна примена на правото. СДСМ тоа не го обезбедува“, се наведува во реакцијата.
Граѓаните, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ, се сведоци на слаби институции и економска стагнација.
„Извештајот укажува и на несериозна борба против финансискиот криминал и перењето на пари. Оваа влада не покажа ниту минимум волја за борба со финансискиот криминал. 11 месеци власта, иако најавуваше, нема отворено ниту еден случај за криминал против државни функционери. Сведоци сме само на случаи кои се најавуваат од страна на Зоран Заев и потоа нема никаква завршница, откако лицата кон кои била упатена пораката ќе си ги подмират долговите. Извештајот укажува и на економската неспособност на оваа влада. Република Македонија стагнира, а граѓаните живеат полошо“, заклучуваат од ВМРО-ДПМНЕ.