ВМРО-ДПМНЕ прашува за каков прав пат говори Заев кога нема напредок во ниту едно поле

Зоран Заев е на прав пат да ја уништи државата на секое поле, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ и се истакнува дека со право јавноста се прашува за каков прав пат говори кога нема напредок во ниту едно поле, туку само пропаѓање надолу. Така што подобро е да се каже дека Македонија со Заев е во стрмоглав ПАД.

„За Зоран Заев прав пат е падот на листата на Транспаренси Македонија кај што по индекс на перцепција на корупција делиме 93 место заедно со африканските земји.

За Зоран прав пат е падот на стандардот на граѓаните при што имаме над 500 илјади граѓани кои живеат на работ на сиромаштијата.

За Зоран Заев прав пат е бесперспективноста на граѓаните. Над 80% од младите сакаат да ја напуштат Македонија затоа што младинската невработеност е 47%.

За Зоран Заев прав пат е податокот дека на Шангајската листа нема ниту еден универзитет од Македонија, затоа што образованието тоне во хаос.

За Зоран Заев прав пат е најнискиот раст на економијата на регионално и европско ниво и тоа што јавниот долг надмина 5 милијарди евра.

За Зоран Заев оценката НУЛА од странските инвеститори е прав пат и податокот дека странските инвестиции се убедливо најниски во регионот“, посочуваат од најголемата опозицикса партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека прав пат за Заев е случајот Рекет 1, Рекет 2, Рекет 3, заедно со торбите Луј Витон во кои до гуша се заглавени лица од неговото непосредно опкружување, што само потврдува дека токму тој е главата на вака добро организираниот криминален октопод.

„Каде гледа Зоран Заев прав пат кога нивото на реализација на капитални инвестиции е катастрофално од само 28,16% за шест месеци, што доволно говори дека оваа влада е неспособна и не работи ништо“, констатиераат од ВМРО-ДПМНЕ, при што се наведува дека постојат уште десетици клучни параметри кои го побиваат тврдењето на Заев дека е на прав пат.

„Сите останати граѓани добро чувствуваат по свој грб и по својот џеб дека државата тоне, хаос има во секој сектор, а единствено цвета криминалот и бизнисите на функционерите од власта. Ако е толку убеден Заев дека е на прав пат нека смогне храброст и нека се соочи на избори час поскоро, за конечно да ја ослободи државата и да започне темелната обнова на Македонија“, порачуваат од оваа партија.